Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска ја одбележаа 15-годишнината на Партиципативниот форум, еден од најдолготрајните механизми на Северна Македонија за дијалог помеѓу државните институции и претставници на помалубројните заедници.
Создаден во 2011 со поддршка од Мисијата, Партиципативниот форум обезбедува структурен и кредибилен простор каде заедниците се во контакт со институциите за прашања поврзани со нивните права, застапеност и учество во јавниот живот.
На настанот за одбележување на годишнината присуствуваа официјални лица од високо ниво, пратеници, граѓански организации, претставници на заедниците како и претставници на меѓународната заедница.
Заменик-премиерот Иван Стоилковиќ ја истакна посветеноста на Владата за поттикнување инклузија. „Владата продолжува да ги поддржува механизмите кои ја зајакнуваат социјалната кохезија. Партиципативниот форум е пример за тоа како постојаната соработка може да води до конкретни подобрувања за заедниците во државата“.
Д-р Сузан Пенкса, заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје го истакна долгогодишното влијание на Форумот врз градењето доверба и социјалната кохезија. „По петнаесет години, благодарение на истрајното застапување на Форумот, гледаме вистински напредок: посилни партнерства во граѓанското општество, проширено образование на јазиците на заедниците, повеќе учебници, повеќе изборни предмети, па дури и создавањето на националниот канал МТВ4 во рамките на Националниот сервис посветен на помалубројните заедници. Овие достигнувања покажуваат како значајниот дијалог може да ги обликува политиките кои се клучни за социјалната кохезија“.
Директорот на АОПЗ, Далибор Китановиќ, го истакна придонесот на Форумот за зајакнување на соработката и подобрување на правата на заедниците. „Веќе 15 години, Партиципативниот форум покажува дека кога има дијалог, има и напредок. Оваа платформа им помага на институциите подобро да ги разберат потребите на заедниците и води сметка да се чуе сечиј глас во процесите на создавање политики“.
Низ годините, Форумот се осврна на разни теми како: образование на јазиците на заедниците, користење на јазикот на локално ниво, застапеност, медиуми, културни права, антидискриминација, младинско учество. Тој има свој удел во пошироките процеси на политики каде перспективите на заедниците се од суштинско значење.
Со цел да ја одбележи годишнината, АОЗР претстави повеќејазична брошура во која се документирани создавањето на Форумот, достигнувањата како и препораки, а истата е создадена со поддршка од Мисијата..
Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја реафирмираше својата заложба за унапредување на инклузијата, учеството и дијалогот како темели на социјалната кохезија.
фото ОБСЕ
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


