ЕУ-финансираната програма ЕУ за Економски Раст (EU4EG) вчера го одбележа своето официјално затворање со саем на претпријатија кој обедини повеќе од педесет микро, мали и средни претпријатија, стартапи, акцелератори, креатори на политики и партнери.
Од своето започнување, EU4EG поддржа над сто мали и средни претпријатија, стартапи од Полошкиот, Североисточниот, Југозападниот регион како и Ресен, овозможувајќи им поддршка да ги подобрат своите процеси, да освојат нови пазари и да усвојат позелени и подигитализирани практики.
Клучните резултати вклучуваат: 37 новоформирани компании. 265 нови работни места, многу од нив во економски ранливи региони. Просечно зголемување на перформансите од 30% кај поддржаните компании – значително над целната вредност од 10%. 129 нови производи и услуги, кои ја покажуваат силната иновативна енергија на домашниот приватен сектор. 51 нов развиен сервис од бизнис-поддржувачките организации, од кои 18 напредни услуги. 5 акцелератори што успешно спроведоа програми за развој на бизниси. Намалување на времето за развој на бизнис од 8 на 5 месеци преку структуирана поддршка. Над 5,5 милиони евра грантови доделени на МСП, стартапи и услуги за претпријатијата.
„Резултатите што денес ги видовме покажуваат што се случува кога амбицијата ќе добие вистинска поддршка: нови компании, нови одржливи работни места и силен локален развој. Веруваме во потенцијалот на Северна Македонија. Европската унија останува сигурен партнер во градењето модерна, конкурентна и зелена економија што создава еднакви можности за сите. Како што државата чекори напред, ќе продолжиме да инвестираме таму каде што е најпотребно: во луѓето, во идеите и во регионите што го движат овој напредок.“ – амбасадорот на ЕУ, Михаелис Рокас.
Овие резултати ја потврдуваат посветеноста кон практични, мерливи и долгорочни ефекти за приватниот сектор, поддржувајќи компании во производството, земјоделството, рециклирањето, ИКТ-секторот, прехранбената индустрија, синиот и циркуларниот економски модел.
„И во иднина, како Министерство за економија и труд, продолжуваме со поддршката за развој на акцелератори, поддршката за младите иноватори, вклучувањето на локалните заедници и создавањето економски силни региони, а не само силни центри. Европската унија и Сојузна Република Германија со овој проект дадоа јасен пример како една стратегија може да создаде реални и одржливи резултати. Наша задача е да обезбедиме институционален континуитет за оваа инфраструктура да продолжи да живее и по завршувањето на проектот,“ изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Изложбата беше доказ за влијанието на EU4EG, претставувајќи компании што ја подобриле ефикасноста, навлегле на нови пазари, го намалиле еколошкиот отпечаток и ги прошириле можностите за вработување.
„Гледајќи ја економската состојба и можностите во Северна Македонија во 2021 година, германската влада му довери на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија да го имплементираат овој проект за економски раст, со поддршка и од ЕУ и од Германија. Денес ги сведочиме резултатите, но германската поддршка не завршува тука. Најново, Германија даде мандат за изработка на студија за макроекономската состојба во Северна Македонија и побара експертски препораки за тоа како дополнително да се подобри климата за странски инвестиции. Германија останува ангажирана во регионот, и во Северна Македонија, со желба да види силни демократии и економска благосостојба.“ – Јан-Аксел Вос, заменик амбасадор, Германска амбасада.
Програмата зад себе остава зајакнати институции, поагилен претприемачки екосистем и мрежа на акцелератори и поддржувачки организации што веќе обезбедуваат одржливи услуги и по завршувањето на проектот.
„Како партнер за имплементација на активностите, нашата улога беше да ги преточиме европските приоритети во практични решенија за бизнисите преку техничка и финансиска поддршка — од дигитализација и циркуларна економија, до зајакнување на вредносните синџири и пристапот до пазари. Горди сме на многуте мали и средни претпријатија како и стартапи кои преку оваа поддршка успеаја да иновираат, инвестираат и растат. Тие резултати покажуваат што е возможно кога меѓународната соработка се спојува со силна локална посветеност. GIZ останува целосно посветен на продолжување на ова партнерство и на креирање поконкурентна економија која создава можности за луѓето низ целата земја.“ – Марк Барет, програмски координатор, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Настанот ги истакна резултатите од повеќегодишната соработка меѓу Европската Унија, Владата на Германија и Северна Македонија, имплементирана од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија, со цел зајакнување на конкурентноста, отпорноста и иновативниот капацитет на приватниот сектор.
фото Giz
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


