Премиерот Христијан Мицкоски неодамна кажа дека Македонија по процент од БДП издвојува повеќе пари за судството од некои земји членки на ЕУ, а како пример ги наброја, Грција, Франција и Германија.
Германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер во интервју за 360 степени, ги демантираше таквите тврдења на Мицкоски.
„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државава е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022, ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија. Секако дека знаеме оти мора да се земат предвид и фискално-политичките аспекти во преговорите за буџетот. Така е и во Германија. Но, и во Германија знаеме дека мораме и понатаму да инвестираме во правосудството, за нашата правна држава да остане силна“ рече амбасадорката.
Дрекслер во интервјуто додаде и дека владеењето на правото е темелот на ЕУ и за Македонија е особено важно да има силно и независно судство како важен елемент во интегрирањето во Унијата.
„Ефикасно и независно правосудство што функционира е, во крајна линија, предуслов за сè понатаму. Ако тоа не е обезбедено, тогаш како држава нема да бидете конкурентни на внатрешниот пазар на ЕУ, нема да можете долгорочно да се докажете како дестинација за инвестиции и нема да можете да ги гарантирате основните права на сите граѓанки и граѓани“ заклучи Дрекслер.
фото скриншот/СДСМ/04.09.2024


