Израелските доселеници вчера подметнаа пожар на депонија за автомобили во окупираниот град Хувара на Западниот Брег, уништувајќи десетици автомобили. Нападот се случи откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика состанок за безбедност за да разговара за зголемувањето на насилството меѓу доселениците, објави Си-ен-ен.
Според сведоци и официјалната палестинска новинска агенција WAFA, доселениците упаднале во депонија за автомобили во Хувара, град во северниот дел на Западниот Брег. Мохамед Далал, сопственикот на депонијата, рече дека повеќе од десетина доселеници влегле во имотот, кршејќи возила пред да ги запалат. Иако никој не бил на местото во времето на нападот, Далал процени дека околу 150 автомобили биле уништени или оштетени.
„Имам деца на колеџ, имам внуци, имам семејство; сите зависиме од оваа депонија“, изјави Далал за Си-Ен-Ен. „Како и многу Палестинци, имам маслинки, но не можев да ги наберам моите маслинки и затоа ова е нашиот единствен извор на приход. Сè што можам да направам е да му се молам на Бога да нè обештети.“
Израелската армија потврди дека нејзините војници биле испратени во Хувара по извештаите за „израелски цивили кои фрлале камења кон палестински возила, палеле пожари и оштетувале имот“. Тие признаа дека автомобилите биле запалени во близина на населбата Јицар, позната по својата екстремистичка идеологија. Во соопштението за медиумите се наведува дека никој не е повреден во инцидентот, а војниците кои ја пребарале областа не пронашле осомничени.
Во исто време, состанокот на Нетанјаху за насилството на доселениците, кое се зголеми во последните недели, го потврдија двајца израелски претставници. Засега не е познато дали се донесени конкретни одлуки за тоа како да се спречи ескалацијата на нападите. Нетанјаху го осуди насилството во понеделник, велејќи дека го спроведува „мала, екстремистичка група“./Извор:Makfax


