Centar.mk
фото Министерство за Образование
-МАКЕДОНИЈА

Светскиот Ден на детето одбележан со почеток на кампањата „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“

Министерствата за образование и наука и за спорт, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Фудбалската федерација на Македонија и УНИЦЕФ, на Светскиот ден на детето – 20 ноември, почнуваат кампања против дискриминација во фудбалот, насловена „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“.

„Светскиот ден на детето е симбол на правата, надежите и иднината на секое дете. И тие надежи никој не смее да ги уништи. Затоа на сите нас овде ни е заедничка обврската да обезбедиме секое дете да има право да учи, да игра и да биде прифатено“, рече на промоцијата на кампањата министерската за образование и наука Весна Јаневска.

Кампањата ќе трае до 1 март 2026 година, а секој од учесниците ќе ја пренесува пораката дека за сите има место во тимот. Јаневска рече дека како министерка за образование и наука може да потврди дека во тимот, односно воспитно-образовниот систем, навистина има место за сите.

„Правиме темелни промени во образованието затоа што тоа треба да биде квалитетно, инклузивно и достапно за секое дете, ако сакаме да обезбедиме подобра иднина за сите нас. Интензивно работиме на подобрувања на сите нивоа на образование затоа што сегашните ученици и студенти ги чека свет на нови технологии и знаења, за кој треба да бидат подготвени“, укажа министерката, додавајќи дека во тек се и промени на регулативата, се зајакнува образовната инфраструктура, се вложува во нагледни средства, а наставниците добиваат континуирани обуки и зголемување на платите. Исто така, растат вложувањата во наука и истражувања, како стратешка определба за побрз напредок.

Посочи дека нашите деца заслужуваат образование кое ќе ги подготви за натпревар со нивните врсници во светот и ќе им биде солидна основа за иднина.

„Но, нашите деца заслужуваат и спорт без дискриминација. Ќе ја искористиме Кампањата, преку наставни и воннаставни активности да го промовираме фер-плејот и да градиме култура на инклузија. Постепено, но упорно да градиме свест кај секое дете дека спортот создава пријателства и заедништво и дека сите деца кои спортуваат, без оглед дали се девојчиња или со посебни потреби, од различна националност и така натаму, сакаат да покажат што знаат и умеат. Затоа е и оваа кампања“, рече министерката Јаневска.

На настанот говореа и претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, министерот за спорт Борко Ристовски, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Душан Томшиќ и генералниот секретар на ФФМ Леонид Јандреоски.

фото Министерство за Образование

error: Соддржината е заштитена.