Во рамки на тековните активности поврзани со уличното осветлување и јавната хигиена, општински служби минатиот викенд работеа со зголемен интензитет. Во таа насока, стручните лица пристапија кон решавање на поголемиот број проблеми кои беа детектирани на теренот.
Имено, екипите беа особено активни во реонот на населбата Карпош 4, каде деновиве беше целосно санирано осветлувањето околу кулите на ул. Никола Парапунов во близина на мостот Обединети нации. Успешно беше отстранет дефектот со осветлувањето на првиот дел од ул. Волгоградска, а се интервенираше и на улиците Соле Стојчев и Желево. На таа локација, стручните служби ги санираа дефектите и во третиот дел на ул. Волгоградска, а во исправна состојба се доведени и светилките на улиците Невеска и Воденска.
Темелно се работеше и во населбата Карпош 2, каде беа санирани дефектите на електричната мрежа на осветлување, на улиците Шекспирова и Бранислав Нушиќ. Со истата динамика беа решени проблемите со јавното осветлување, на делови од улиците Руѓер Бошковиќ и Веселин Маслеша.
Минатиот викенд службите од локалната самоуправа се фокусираа на подигнување на нивото на јавната чистота. На иницијатива на жителите од населбата Жданец, беше спроведена заедничка еко-акција за расчистување на сметот и одржување на здравата животна околина. Во меѓувреме општинските служби задолжени за одржување на хигиената, исчистија поголем дел од пешачките патеки низ Карпош.


