Во еден од најдрските грабежи во последните години во областа на Нови Пазар, маскирани разбојници вчера вечер пресретнале специјално возило за транспорт на пари и, според првичните проценки, украле околу два милиони евра државни пари, потврдија извори блиски до истрагата.
Грабежот се случил во местото Куќани, на регионален пат, каде што напаѓачите – според првичните информации – ги принудиле возачите да го напуштат блиндираното возило под закана со пиштол, по што избегале.
Кратко потоа, украденото возило е пронајдено запалено во градот Јабланица, што ги наведува истражителите да се сомневаат дека станува збор за добро испланирана и професионално извршена операција, со цел уништување на трагите.
Полициски екипи од Нови Пазар и Рашка се ангажирани на терен, спроведуваат истрага на лице место, го блокираат поширокото подрачје и ги контролираат сите излези од градот. Извори блиски до истрагата наведуваат дека станува збор за организирана криминална група, која имала прецизни информации за движењето на возилото и времето на транспорт. Во моментов нема информации за повредени припадници на обезбедувањето, објавија српските медиуми.
Полицијата почна да ги прегледува безбедносните камери по должината на трасата, а проверува и дали нападот имал внатрешни соучесници. Се очекува српското Министерство за внатрешни работи да одговори со првите официјални информации. Ова е еден од најголемите грабежи во областа Рашка во последните десет години, а јавноста со нетрпение ги очекува резултатите од истрагата./Извор:Makfax


