Најмалку три лица загинаа, а неколку се водат како исчезнати откако бурата Клаудија погоди делови од Европа. Во Франција, десетици пожарникари бараат човек кој беше однесен од ненадејни поплави. Во Италија, екстремни временски услови го погодија централниот и северниот дел од земјата, а властите прогласија вонредна состојба и ги затворија училиштата.
Застрашувачките сцени се снимени во департманот Ардеш во Франција. Алармиран од зголемувањето на нивото на реката, пензионер слегол долу за да го премести својот автомобил. Сепак, возилото било однесено од ненадејните поплави, а сопственикот исто така паднал во водата. Веднаш била започната голема операција, во која учествувале 60 пожарникари, дрон и десет нуркачи. Сепак, телото на жртвата не е пронајдено, а спасувачите веруваат дека шансите тој сè уште да е жив се исклучително мали.
Проблеми се појавија и во департманот Дром, каде што огромен бран кал го зафати градот со 2.000 жители. Во тоа место за два дена паднала двомесечна количина дожд.
Во регионот Фриули во Италија, еден рид се урна и уништи три згради. Тони земја проголтаа 83-годишна жена и 32-годишен маж. Сведоците рекоа дека мажот починал додека се обидувал да ја спаси.
Низ целиот регион, неколку градови беа поплавени од надојдените реки. Повеќе од 300 луѓе беа евакуирани со чамци или спасени со хеликоптери од покривите каде што се засолниле./Извор:Makfax


