Облакодерот на „Вјесник“ на Славонска авенија во Загреб, каде што вчера кратко пред полноќ избувна пожар, сè уште гори утрово, делови од фасадата паѓаат, а загрепските пожарникари се бореа со пожарот цела ноќ. Се проценува дека ќе биде потребен цел ден за да се изгасне. 93 пожарникари со 30 возила го гаснат пожарот.
„Работев тука речиси 30 години. Облакодерот е многу убав внатре, сè е дрвено. А што ќе се случи сега по овој пожар? Ќе стои вака долго време, но облакодерот е на одлична локација, може да се пристапи од сите страни, голем е и има перспектива. Ќе видиме, во секој случај тажно е што се случи ова“, изјави за „Индекс“, Крунослав од Загреб.
„Повикав пожарна. Слушнав дека удри гром, а кога погледнав надвор и видов дека гори, не можев да поверувам. Прво гореше на врвот, а потоа се спушташе кон долните катови… Противпожарната служба го изгасна, затворија сè, тие се вистински професионалци… И мислам дека се работи за инсталациите, но којзнае… Ќе се сруши“, рекол за „Индекс“ Илија, кој живее во близина.
Командантот на Загрепската противпожарна служба, Синиша Јембрих, разговараше за Хрватското радио за сложеноста на гаснењето на пожарот. Откако беше пријавен пожарот, пожарникарите, вели тој, се стрчаа кон врвот и почнаа да го гаснат, но во тој момент видоа дека има и пожар под нив, кој, истакнува тој, е исклучително опасен и горел на неколку места.
„Ова може да укажува дека имало некаква катастрофална грешка, или нешто во инсталациите, така што всушност тие инсталации предизвикале пожар низ целата вертикала на зградата, што е исклучително опасно“, рече Јембрих.
Тој рече дека пожарникарите потоа морале да се повлечат за да се борат со пожарот однадвор, што не е ефикасно бидејќи пожарот мора да се гаси одвнатре.
„Но, едноставно би било премногу опасно да се влезе во област погодена од пожар, особено ако има пожар под вас“, објасни Јембрих./Извор:Makfax


