Во годината на големиот јубилеј – 140 години традиција, визија и лидерство, винарската визба „Тиквеш“, во Кавадарци го одржа 16-тото издание на Фестивалот на младо вино. Традиционално, третиот викенд во ноември, 16-та година по ред, годинешниот фестивал повторно ги собра бројните пријатели, партнери и соработници на „Тиквеш“, како и претставници на дипломатскиот кор и институциите, на еден од најпрестижните регионални настани посветени на виното и винската култура. Во атмосфера исполнета со енергија и страст кон виното, гостите ги дегустираа младите вина од најновата берба и им оддадоа признание на сите што стојат зад нивното создавање.
Во своето поздравно обраќање, претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, го истакна влијанието на „Тиквеш“ во развојот на пазарот и трансформацијата на македонската и регионалната винска индустрија.
„Со вкусот на младото вино од годинешната берба која навистина гарантира прекрасни вина, со вас ја споделуваме нашата страст, храброст и љубов кон она што го создаваме. Нашите вина не се само одраз на врвен квалитет, туку во себе го носат кодот на вековната винска традиција, зачинета со јасна визија, труд и знаење. Денес вината на „Тиквеш“ се синоним за премиум квалитет, но истовремено се и најпознатиот производ кој доаѓа од Македонија. Успеавме да создадеме силен бренд кој е препознатлив на сите континенти, но исто така, на што сум многу горд, докажавме дека и овде кај нас со вложувања, иновации, едукација на луѓето и најдобри практики може сонот да стане реалност. Горди сме на земјата од која потекнуваме и продолжуваме да живееме со нашето ветување и посветеност да покажеме дека Македонија со векови наназад е винска земја и дека тоа ќе продолжи да биде и во иднина. И затоа, кога велиме 140 години, ние не мислиме на минатото – туку зборуваме за иднината. За промените без губење на корените“, потенцираше Јаневски.
Во духот на 140-годишниот јубилеј, што се одбележува со слоганот „Бескрајно твој“, фестивалот уште еднаш ја потврди суштината на „Тиквеш“ и неговата бескрајната посветеност кон луѓето, партнерите и љубителите на виното, како и страста кон создавање автентични, препознатливи вина кои ја промовираат Македонија како винска дестинација на светската мапа.
Во рамки на настанот беше промовирано новото, ребрендирано портфолио на жестоки пијалаци на „Тиквеш“, кое е резултат на постојаните активности на винарницата за развој на нови производи и воведување новитети во согласност со најновите пазарни трендови и вкусови на потрошувачите.
Во согласност со својата определба за континуирана поддршка на младите во развојот на своите таленти и вештини, годинава „Тиквеш“ им даде можност на студентите од Факултетот за ликовна уметност од Скопје да учествуваат во креирање на визуелниот идентитет на годинешниот Фестивал на младо вино.
Според првичните оценки на енолошкиот тим на „Тиквеш“, младите вина од годинешната берба се одликуваат со свежина, полн вкус и извонреден потенцијал да бидат идни носители на голем број меѓународни признанија.
Со овој настан „Тиквеш“ одново ја потврди својата улога на вистински амбасадор на Македонија во светот и винска компанија која преку интензивни вложувања во иновативни технологии, дигитализација, модерна опрема, современи практики во лозарството и професионалниот развој на млади кадри, станува препознаен регионален лидер и глобално афирмиран бренд, двигател на развојот на македонската винска индустрија и верен поддржувач на македонската култура, музика и уметност.


