Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешното обраќање на седницата каде се разгледуваше Извештајот на Европската комисија, порача дека документот претставува силна и јасна опомена но и доказ за катастрофалните политики на владата на Мицкоски.
„Ова е еден од најлошите извештаи кои што државата го добила од Европската Комисија. Полош е само тој во 2015 година, кога сме оценети како заробена држава“, предупреди Филипче.
Според него, иако од 2015 наваму државата вложуваше силни напори да се врати на правиот пат, сегашната влада нема никаков интерес за евроинтегративниот процес и повторно не води кон назадување.
„И сега трендовите не се поразлични, владата се обидува да ги покрие, да врши влијание на сите независни институции кои што се надвор од извршната власт. Најмногу, најсилно, најексплицитно, на судската власт, јавен и јасен притисок што за прв пат предизвика од 1991 година јасна реакција од судската фела. Преседан, би рекол, општествен не само во државата“, истакна Филипче на денешната шеста седница на Националниот совет за евроинтеграции.
Филипче исто така посочи дека наведеното во извештајот не се само за политички формулации во документот, туку реалност која граѓаните ја чувствуваат секој ден.
„За жал во многу области во кои што порано бележавме успеси, сега има, и тоа се дефинира или како ограничен напредок, или нема напредок, или дури на назадување. Ама тоа не е нешто што само стои на хартија, тоа е нешто што граѓаните, посебно бизнис секторот го чувствуваат, секој ден се повеќе и повеќе“, рече Филипче.
Тој исто така предупреди дека Европската унија, која минатата година имаше само еден услов за отворање преговорите, а тоа беше решавањето на спорот со соседите по ваков извештај може да воведе и нови услови.
„Ако до минатата година имаше само еден услов за почеток на преговорите, а тоа е решавање на билатералниот спор со еден од соседите, после еден таков извештај, не сум сигурен дека понатаму нема да имаме и други услови да се отпочнат преговорите“, предупреди претседателот на СДСМ.
Филипче заклучи дека извештајот е огледало во кое се гледа вистината за власта на Мицкоски кој ја изолира државата, ги блокира реформите и ја оддалечува Македонија од европската перспектива.


