Акционерите на „Тесла“ одобрија најголем пакет плата во корпоративната историја — речиси 1 билион долари — за извршниот директор Илон Маск. Планот предвидува доделување 12 транши акции ако компанијата ги исполни амбициозните цели во следните 10 години.
Маск би можел да ја зголеми сопственоста во компанијата од 13 на 25 проценти, а првата исплата би следела кога пазарната вредност на „Тесла“ ќе достигне 2 билиони долари. Целосниот пакет би се реализирал ако компанијата достигне 8,5 билиони долари вредност и 400 милијарди долари годишна добивка.
Оваа одлука доаѓа откако судот во Делавер минатата година го поништи претходниот бонус од 2018 година. Дел од инвеститорите изразија загриженост дека договорот му овозможува на Маск огромна добивка дури и без целосно исполнување на деловните цели./Извор:Makfax


