Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Уницеф
МАКЕДОНИЈА

Од дијалог до акција: Западен Балкан со заложба за унапредување на квалитетот на образованието

Вчера во Скопје, експерти и практичари од областа на образованието и креатори на политики од земјите на Западен Балкан се согласија околу заеднички приоритети за зајакнување на образовните системи и обезбедување квалитетно учење за секое дете.

Новите заеднички приоритети беа утврдени на регионалниот стратешки дијалог „Од податоци кон дејствување: Креирање заеднички решенија за квалитетно образование во Западен Балкан“, организиран од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија во соработка со ОЕЦД и Европската комисија, под покровителство на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.

На отворањето првиот ден, министерката за образование и наука на Северна Македонија, д-р Весна Јаневска, истакна: „Резултатите од ПИСА тестирањето ни покажуваат дека мора да работиме на повеќе аспекти истовремено – од зајакнување на квалитетот на наставата и воннаставните активности, до поддршка на благосостојбата на учениците и подготовка за начинот на кој се тестираат компетенциите на учениците.“

Во текот на дводневниот настан, претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово[1], Северна Македонија, Црна Гора и Србија ги разгледаа најновите податоци, дискутираа за националните и регионални предизвици и заеднички работeа на изнаоѓање решенија за унапредување на образованието во Западен Балкан.

„Овој дијалог ја потврди нашата заедничка посветеност да му овозможиме на секое дете да учи и да успее,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија, во своите завршни зборови. „Со фокус на конкретни акции и регионална соработка, можеме да изградиме посилен и поинклузивен образовен систем за сите деца.“

Еден од клучните исходи на дијалогот беше согласноста да се надмине јазот помеѓу универзитетите и училиштата преку реформа на иницијалното образование на наставниците, за новите наставници да бидат целосно подготвени за настава и учење базирани на компетенции. Учесниците исто така ја нагласија важноста од зајакнување на наставничката професија преку создавање можности за кариерен развој заснован на заслуги.

Дополнително, беше потенцирано дека реформите мора да стигнат до училниците – а не само на хартија. За тоа да се постигне, потребно е да се усогласат оценувањата и наставните програми и да се создадат услови за наставниците да ги поддржат учениците во совладувањето на компетенции и вештини клучни за нивната иднина.

Дискусијата ја одрази сè поголемата свест за вредноста на взаемното учење и соработка. За да продолжи регионалната соработка, беше договорено изготвување заеднички технички и аналитички документ кој ќе служи како насока за образовните и стратешки реформи низ земјите од Западен Балкан.

Можеби ќе ве интересира

Претседателот Гаши на средба со претставници на ДИК

ДЕСК

Ако ги направиме уставните измени ќе бидеме најдобри, ќе бидеме шампиони па ќе добиеме ново вето – порача Мицкоски

ДЕСК

Годишна конференција за здравство: „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“

ДЕСК