Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Ученици и наставници од Скопје и Таранто во посета на Собранието

Ученици и наставници од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје и „Principessa Maria Pia“ од Таранто, Италија, вчера го посетија Собранието на Република Северна Македонија, каде што остварија средба со пратенички од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.

Средбата се реализираше во рамките на соработката меѓу двете училишта преку Еразмус+ програмата, како дел од заедничкиот проект „Родовата рамноправност и улогата на жената во општеството во различни култури“.

Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст.

Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова.

Пратеничката Стојкова-Серафимовска зборуваше за значењето на соработката меѓу жени со различна културна и етничка позадина во мултиетнички општества, какво што е и нашето. Таа нагласи дека меѓусебното разбирање и поддршка се клучни за создавање инклузивна и праведна заедница.

Пратеничката Зајкова се осврна на застапеноста на жените во политиката, предизвиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот, како и на прашањата поврзани со фемицидот и потребата од континуирана институционална поддршка за родовата еднаквост.

Учениците поставуваа прашања и отворија плодна дискусија за улогата на жените во современите демократии. Пратеничките споделија лични искуства и примери од својата работа, охрабрувајќи ги младите да бидат активни граѓани и поддржувачи на еднаквите можности.

Посетата заврши со организирана обиколка на зградата на Собранието, при што гостите се запознаа со историјата и функционирањето на највисокиот претставнички дом.
Оваа средба претставува уште еден пример за важноста на образовната соработка и младинската размена во промовирањето на демократските вредности, меѓу културниот дијалог и родовата еднаквост.

Можеби ќе ве интересира

Претседателот Гаши на средба со претставници на ДИК

ДЕСК

Ако ги направиме уставните измени ќе бидеме најдобри, ќе бидеме шампиони па ќе добиеме ново вето – порача Мицкоски

ДЕСК

Годишна конференција за здравство: „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“

ДЕСК