На денешната конститутивна седница беше усвоен новиот состав на Советот на Општина Битола. На седницата присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, м-р Тони Коњановски. Со седницата претседаваше највозрасниот член на Советот, Јагода Талевска од движењето ЗНАМ.
На конститутивната седница присуствуваа и гости од збратимената општина Стари Град – Белград, Република Србија.
Во своето обраќање пред новиот советнички состав, градоначалникот Тони Коњановски упати порака за заедништво и посветеност кон развојот на
општината:
„Очекувам соработка и взаемно почитување меѓу Советот и градоначалникот, насочени кон заеднички цели – развој, реализација на проекти и конкретни резултати за доброто на Битола. Затоа, ги повикувам сите советници на конструктивен дијалог“, истакна градоначалникот Коњановски.
Во знак на почит, присутните одржаа едноминутно молчење за прерано починатиот советник Зоран Петковски.
За нов претседател на Советот на Општина Битола беше избран советникот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, за кого гласаа 18 советници, 11 беа против, а двајца воздржани.
По изборот, новиот претседател истакна:
„Дискусијата во Советот мора да се подигне на повисоко ниво. Нема да дозволам навреди и лични пресметки. Кога има волја, има и резултати. Ќе успееме, само ако сме обединети“, порача Бојкоски.
По завршувањето на конститутивната седница, новиот претседател на Советот на општина Битола, оствари работна средба со градоначалникот Тони Коњановски во неговиот кабинет.


