Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Туркије урива рекорди во туризмот – остварени над 50 милијарди долари приход во првите три квартали од 2025

Во првите девет месеци од годината Туркије бележи историски раст во туризмот. Над 50 милијарди долари приход од туризам се остварени во овој период од годината, што е зголемување за 5,7 проценти, во овој значаен економски сектор во земјата. Покрај растот на приходите, Туркије во првите девет месеци од годината бележи и раст на бројот на странските туристи кои ја посетиле земјата од 1,6 отсто, односно 50 милиони странски туристи.

Според податоците на специјализираната агенција на Обединетите нации која се занимава со развој, промоција и одржливост на туризмот на глобално ниво, Туркије во 2024 година била четвртиот најголем туристички пазар во светот. Во просек странските туристите од почетокот на годината во Туркије престојувале по 10,3 ноќи и трошеле по 103 американски долари по лице за една ноќ, што во споредба со истиот период од претходната година е зголемување за 7 проценти.

Министерот за култура и туризам на Република Туркије Мехмет Нури Ерсој нагласи дека резултатите недвосмислено говорат за значителен пораст и на бројот на посетители и на остварените приходи, и покрај бројните искушенија со кои се соочуваше туризмот во оваа медитеранска дестинација.

„Првите девет месеци од 2025 година беа исполнети со значителни предизвици за нашиот регион. Ги почувствувавме ефектите од регионалните конфликти, како и сезонските промени предизвикани од глобалното затоплување. Сепак, благодарение на нашата стратегија, успеавме да ги надминеме приходите за минатата година за 5,7 отсто и да постигнеме извонредни 50 милијарди американски долари. Ова е за прв пат во третиот квартал да го надминеме прагот од 50 милијарди долари. Очекуваме до крајот на годината да ја достигнеме целта од 64 милијарди долари приход“, нагласи министерот Ерсој.

Русите и натаму остануваат најзастапени гости на турската ривиера, како и на бројните археолошки наоѓалишта на земјата. Во првите три квартали Туркије била посетена од 5,33 милиони гости од Руската Федерација, а веднаш на второто место повторно е Германија, со 5,22 милиони посетители. Третиот најголем пазар, пак, продолжува да биде Обединетото Кралство, од каде во Туркије допатувале 3,54 милиони туристи во првите девет месеци од годинава.

Можеби ќе ве интересира

Одржани редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика и седница на Советот на Народната банка

ДЕСК

Косово нѐ престигнува со плата од 500 евра во 2026-та, раст во целиот регион освен во Македонија каде засега остануваме со минималец од неполни 400 евра

ДЕСК

Поскапија угостителските услуги – оваа година плаќаме поскапо кафе и јадеме поскапа храна по локалите

ДЕСК