На белгиската армија ѝ е наредено да ги собори сите непознати дронови што летаат над нејзините бази, потврди синоќа шефот на одбраната Фредерик Вансина. Оваа одлука следеше по низа инциденти, вклучувајќи го и оној во неделата навечер кога четири дронови беа забележани над воздухопловната база Клајне-Брогел, што беше трета ноќ по ред со таква активност над воени и цивилни локации во Белгија, пишува новинската агенција Белга.
Вансина беше јасен: „Ако се појават дронови над воените бази, армијата ќе ги собори“.
Сепак, тој нагласи дека дронови можат да бидат соборени само ако тоа може да се направи безбедно, „без да се предизвика колатерална штета“. Шефот на армијата призна дека задачата не е едноставна, со оглед на тоа што авионите се мали, многу агилни и летаат ноќе.
Инциденти со дронови не се случиле само над воената база. Истата вечер, локалната полиција добила пријава за десетина дронови над индустриската зона Мехелен-Зуид, но пребарувањето на терен не дало резултати.
Вансина призна дека ресурсите на Белгија за борба против дронови, вклучувајќи опрема за детекција, уреди за блокирање и пиштоли против дронови, во моментов се ограничени. Тој додаде дека програмата за заштита од дронови се спроведува брзо и дека планот наскоро ќе биде презентиран пред Советот на министри.
Воздухопловната база Клајне-Брогел во понеделник издаде упатства за жителите на Пер и околното подрачје за тоа што да прават ако забележат сомнителни дронови. „Сомнителната активност треба да се пријави во полицијата што е можно поскоро“, се вели во упатствата./Извор:Makfax


