Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-ЛОКАЛНО

Нови услуги за полесно паркирање во Општина Центар

Во насока на подобро информирање на граѓаните и зголемување на достапноста на услугите, денес беше реализирана информативна акција во населбата Капиштец – пред Т.Ц. Беверли Хилс, на која на граѓаните им беа поделени информативни материјали и производи со цел подобро запознавање со новитетите во системот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Граѓаните имаат можност да користат нови типови на паркинг-карти кои се достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мулти-неделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.

Мулти-неделната паркинг-карта се купува онлајн, без потреба од физичко присуство на шалтер. Оваа карта важи седум дена и овозможува паркирање на сите комерцијални паркиралишта од отворен тип во зона 1 и зона 2. Воведени се и гостински паркинг-карти, наменети исклучиво за жителите на општина Центар со активен кориснички договор. Тие им овозможуваат на жителите полесно да им обезбедат паркинг-место на своите гости. Овие карти важат и за комерцијалните и за резидентните отворени паркиралишта во секторот каде што живее корисникот.

Најновата услуга што ЈП ПОЦ ја воведе е онлајн плаќање со платежна картичка без потреба од најава, апликација или регистрација. На информативните табли на паркинзите е поставен QR-код и директен линк што води до страницата за плаќање, со што процесот е едноставен, брз и достапен за сите корисници.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, кои остварија средби со жителите и ги запознаа со новите услуги.

„Со воведувањето на новите типови паркинг-карти, како мулти-неделната и гостинската, овозможуваме граѓаните да имаат поголема контрола и удобност при користење на нашите паркинг-услуги. Целта ни е системот да биде практичен, дигитален и прилагоден на реалните потреби на жителите на Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

„Како локална самоуправа, континуирано инвестираме во дигитални решенија кои им го олеснуваат секојдневието на граѓаните. Со новиот начин на онлајн плаќање и модернизацијата на паркинг-системот, правиме значаен чекор кон поквалитетни, побрзи и потранспарентни јавни услуги. Центар ќе продолжи да биде пример за општина што ги користи технологијата и иновациите во служба на граѓаните,“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

Можеби ќе ве интересира

Прилеп вечерва е во мрак – Голем дефект на далновод

ДЕСК

Заеднички проект на Министерството за здравство и општина Гази Баба – по шест децении ќе се гради нова амбуланта во Автокоманда

ДЕСК

Герасимовски го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“: Информативни табли со QR-код за брзо плаќање

ДЕСК