Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Повеќе од 850 експерти и јавни личности бараат запирање на развојот на вештачката интелигенција

Повеќе од 850 познати личности, меѓу кои водечки експерти за вештачка интелигенција, технолошки пионери и јавни фигури, во средата ја потпишаа изјавата со која се повикува на запирање на развојот на таканаречената суперинтелигенција – форма на вештачка интелигенција што би ги надминала човечките способности во повеќето когнитивни задачи.

Изјавата ја потпишале основачот на „Вирџин груп“, Ричард Бренсон, коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, како и научниците Јошуа Бенџио и Џеф Хинтон, познати како татковци на современата АИ. Меѓу потписниците е и Стјуарт Расел од Универзитетот „Беркли“.

Во документот се наведува дека развојот на вакви системи носи сериозни ризици од губење на слободата, достоинството и контролата до закана за националната безбедност и можно исчезнување на човечкиот род.

Потписниците бараат мораториум на развојот на суперинтелигентни системи сè додека не се постигне широк општествен консензус и научен договор за нивната безбедност и контрола, пренесе Си-ен-би-си.

Покрај технолошките и академските имиња, потписници има и од други области – универзитетски професори, верски лидери, медиумски личности и поранешни американски функционери од двете политички партии.

На списокот се најдоа и поранешниот началник на Генералштабот на американската армија, Мајк Мален, поранешната советничка за национална безбедност, Сузан Рајс, како и Стив Бенон и Глен Бек, блиски сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп.

Интересно, меѓу потписниците се и принцот Хари и Меган Маркл, што ѝ даде на иницијативата дополнителна глобална видливост. Организаторите наведуваат дека бројот на потписници и натаму расте./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Голем скандал во австралиската војска: илјадници жени биле жртви на сексуална злоупотреба

C +

Ердоган: Турција е подготвена да биде домаќин на самитот на Путин и Трамп

C +

Мадуро: Секојдневно сме загрозени од американската империја

C +