18. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Канцеларија за воени односи со јавноста Генералштаб на Армијата
-МАКЕДОНИЈА

ПРИПАДНИЦИТЕ НА КОМАНДАТА ЗА ОПЕРАЦИИ ГО ОДБЕЛЕЖАА 17 ОКТОМВРИ ДЕНОТ НА ЕДИНИЦАТА

Припадниците на Командата за операции (КО), денес, 17 октомври, во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата.

На свеченоста, на најголемата команда на оперативно рамниште во Армијата, пред присутните се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.

Во своето обраќање, генералот Лафчиски истакна дека Командата за операции претставува столб на Армијата, потенцирајќи ја нејзината примарна мисија непрекинато да ги подготвува конвенционалните копнени и воздухопловни сили за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на татковината. Навраќајќи се на подготвеноста на КО, генералот истакна „Подготвеноста на вашите потчинети единици се должи на тоа што непрекинато ги обучувате и извежбувате. Вие се грижите постојано да ги држите вашите единици во состојба на највисока психофизичка, морална и ситуациона подготвеност, преку учество на голем број вежби и обуки во земјата и странство“ .

Генералот Лафчиски ја потенцираше и важноста за постојана подготовка, опремување и модернизација нагласувајќи:„Како одговор на современите закани Командата за Операции и Армијата во целост го започнаа процесот на прилагодување кон новата безбедносна архитектура. Тоа подразбира јасен план за прифаќање на нови технологии, план за опремуваме и постојано обучување, со цел одржување на највисок степен на борбена готовност “.

Министерот Мисајловски рече дека „припадниците на Командата секојдневно покажуваат професионалност, мотивираност и посветеност“, додавајќи дека најголем дел од припадниците на Команданта го зајакнуваат источното крило на Алијансата во мултинационалните сили во Романија, Бугарија и Латвија и вклучени се во справувањето со последиците од елементарните непогоди во земјава.

„Оваа одговорност вие ја исполнувате во целост, оправдувајќи ја нашата целосна доверба…а, а ние постоиме за да ви ги овозможиме најдобрите услови и најмодерната опрема“, рече министерот. Информираше дека одбранбениот буџет ќе продолжи да расте.

“Продолжуваме следната година и наредните години со уште позасилено темпо да обезбедуваме повеќе средства и да обезбедуваме многу проекти за модернизација за сите вас”, заклучи министерот.

Командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, во своето обраќање нагласи дека во годината кога одбележуваме пет години од полноправното членство во НАТО, сведоци сме на забрзана модернизација на Армијата, со што даваме соодветен придонес кон напорите на Алијансата за создавање на капацитети во функција на одвраќање од потенцијално загрозување на суверенитетот и безбедноста не само на нашата држава, туку и на било која членка на НАТО. Потенцирајќи ја улогата на КО за време на кризна состојба го истакна ангажирањето на потчинетите единици кои и годинава успешно се справуваа со пожарите во државата и помагаа на другите институции, со што покажавме дека нема да штедиме ниту енергија, ниту материјални ресурси опрема , кога е во прашање нашата татковина и безбедноста на граѓаните
Во рамките на свеченоста за најдобра единица беше прогласен Извидувачко-разузнавачкиот баталјон. Дополнително, на припадниците на командата кои покажале особени резултати во работењето им беа доделени стимулативни мерки, а беа врачени и признанија на цивилните институции и организации со кои соработува командата. Соодветни признанија, како благодарност за нивниот придонес кон Армијата во текот на службата, им беа доделени и на припадниците на единицата кои во изминатиот период ги исполниле законските услови за пензионирање.

На свеченоста, покрај министерот за одбрана и началникот на Генералштабот, присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, претставник од кабинетот на Претседателката, генералите во Армијата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од воено-дипломатскиот кор и командата на SEEBRIG, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, пензионирани генерали, претставници од МВР и локалната самоуправа, како и институции со кои соработува оваа команда.

Командата за операции го одбележува 17 октомври, носејќи ја традицијата на формирањето на Штабот на Македонското (Кресненско) востание, настан што во националната меморија останува запаметен како една од првите појави на македонскиот борбен дух за слобода и сопствена држава во поновата историја.

Како највисока команда на оперативно рамниште во Армијата, КО е најодговорна за подготовка на командите и единиците од својот состав за извршување на уставните задачи на Армијата, како и учество во мировните операции и придонесување и асистенција на институциите во државата во кризни состојби.

фото Канцеларија за воени односи со јавноста
Генералштаб на Армијата

Можеби ќе ве интересира

ДИК поништи цела советничка листа на партија номинирана за Град Скопје поради починато лице

ДЕСК

Претрес во село во општина Чашка поради сомнение за поткуп при избори

ДЕСК

ЌЕ СЕ ПЕЧАТАТ НОВИ ЛИВЧИЊА: Погрешно распоредени бројчина на гласачките ливчиња во Ново Село привремено го стопираа гласањето

ДЕСК