Најмалку пет лица беа приведени, а неколку беа повредени во пропалестинските протести во Валенсија што се одржаа пред и за време на кошаркарскиот натпревар од Евролигата помеѓу Валенсија и Хапоел Тел Авив. Натпреварот помеѓу Валенсија Баскет и Хапоел Тел Авив се играше пред затворени врати, но тензиите беа високи пред Роиг Арената.
И покрај напорите на полицијата, која го следеше целиот периметар од раните утрински часови, избувнаа судири со пропалестинските демонстранти кои се обидоа да ги пробијат полициските коридори. Демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и други предмети кон полицијата и превртуваа контејнери.
„Откако некои демонстранти, некои со маски, се упатија кон полицијата, беа извршени пет апсења“, изјави полициски извор за АФП. Во демонстрациите против израелскиот клуб учествуваа речиси илјада луѓе, претежно млади луѓе, кои извикуваа пораки за поддршка на Палестина.
Неодамна, една од најпрестижните велосипедски трки во светот, Вуелта а Еспања, беше цел на демонстрантите поради учеството на израелскиот тим Израел-Премиер Тек. За време на трката, неколку етапи беа скратени бидејќи немаше безбедни услови за завршување на етапата. На крајот, последната етапа беше исто така завршена на околу 50 км од целта по немирите во центарот на Мадрид./Извор:Makfax