13. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Хелсиншкиот комитет остро реагира против говорот на омраза во изборниот процес

Хелсиншки комитет за човекови права со загриженост го следи засилувањето на говорот на омраза во јавниот простор и на социјалните мрежи во периодот пред локалните избори во Република Северна Македонија. Политичките кампањи и јавните настапи мора да се засноваат на идеи, аргументи и почит кон различностите, а не на пораки што поттикнуваат поделби, нетрпеливост или насилство.

Говорот на омраза не е израз на демократско право на слободен говор — тој претставува сериозна закана за човековите права, општествената кохезија и демократскиот процес. Особено е алармантна тенденцијата политички актери и јавни личности да го користат или толерираат овој вид реторика за политичка мобилизација, со што директно се поттикнуваат тензии меѓу различни заедници.

Жените кандидатки за градоначалнички и советнички се соочуваат со сериозни општествени предизвици, меѓу кои најизразен е говорот на омраза и родово базираното насилство во јавниот простор и на социјалните мрежи. Жените кандидатки, многу почесто од мажите, се цел на сексистички и омаловажувачки коментари, навреди и напади врз лична основа, а не врз основа на нивните политички ставови или програми. Ова создава атмосфера на страв и демотивација, која директно ги обесхрабрува жените да се кандидираат и активно да учествуваат во политичкиот живот.
Хелсиншкиот комитетот ги повикува политичките партии и кандидати – да се воздржат од каква било форма на говор на омраза и да промовираат фер и достоинствена изборна кампања, медиумите – да не пренесуваат или нормализираат изјави кои поттикнуваат омраза, туку одговорно да придонесат кон информирана и конструктивна јавна дебата и граѓаните – активно да пријавуваат случаи на говор на омраза и да не учествуваат во неговото ширење.

Изборите не смеат да се претворат во повод за продлабочување на поделбите во општеството. Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој претставува еден од главните фактори што водат до злосторства од омраза. Токму затоа сметаме дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, а надлежните институции да ја санкционираат оваа појава.

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува ширењето на говор на омраза и апелира до сите политички и општествени чинители да се спротивстават на овој феномен и да ја поддржат културата на толеранција, дијалог и почитување на различностите. Хелсиншки комитет за човекови права ќе продолжи внимателно да го следи изборниот процес и јавниот простор, како и да реагира на сите форми на говор на омраза, повици за насилство или дискриминација.

Можеби ќе ве интересира

Почина пензиониран полицаец кој беше испратен во притвор поради трагедијата во “Пулс”

ДЕСК

Мицкоски: Клучката кај Момин Поток е еден од врвните приоритети, затоа на 19 октомври да гласаме за број 9 за решавање на проблемите на граѓаните на Скопје

ДЕСК

Алиу-Дрекслер: Со Германија имаме традиционално успешна соработка, посебна благодарност за поддршката во лекувањето на повредените од Кочани

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.