Во земјава денеска се одбележуваат 84 години од почетокот на народното востание кое почна во 1941 година во Прилеп и Куманово. Со ова започна востанието против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ.
Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија во Прилеп и доделување на истоимената награда во Скопје.
Свечената академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на неа, според најавата од владината прес-служба, ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието годинава наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар./Извор:Makfax