2. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Костова: Бројот на работници во индустријата намален за 2,6% – лоши политики на Мицкоски и ДПМНЕ

Интегрален текст од денешната изјава за медиуми, Кристина Костова – потпретседателкта на СДСМ:

Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.

Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица.

Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.

Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти. Овој пад е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ. Без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.

Но, ова не е единствен проблем во економијата.

Прво, нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа.

Второ, нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Ветуваа контрола на цените, а не направија ништо. Кога потрошувачката моќ тоне, јасно е каква е состојбата во економијата.

Трето, економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата.

Четврто, енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања.

Петто, администрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.

Нашата порака е едноставна, ова е владин неуспех. Секој ден без промена значи нови затворени производни линии, нови отпуштања и нови семејни трагедии.

СДСМ бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците. Ова е минимум што Владата мора да го направи ако воопшто има намера да спречи понатамошен пад.

До тогаш, ќе бидеме гласот на работниците и стопанството. Индустријата не смее да биде оставена сама. Граѓаните не смеат да плаќаат за туѓи промашувања.

Можеби ќе ве интересира

Филипче и СДС во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, велат од ВМРО-ДПМНЕ

C +

Филипче: Пензионерите се нови жртви на лагите на власта, 97% од нив добија само 1.000 денари

C +

Герасимовски: Воведуваме двосменско работење на градинките до 22 часот, им излегуваме во пресрет на родителите

C +