ЦИВИЛ: Злоупотребата на деца во изборните кампањи мора да престане
Интегрален текст од соопштението на ЦИВИЛ:
Политичката злоупотреба на деца е строго забранета со закон! Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата јасно утврдува: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“.
ЦИВИЛ потсетува дека секое дете има право на достоинствено и безгрижно детство, ослободено од дневнополитички битки. Местото на децата е надвор од политиката! Наместо злоупотреба, политичките партии и нивните поддржувачи мора да придонесат за заштита на најмладите.
Државата и институциите се должни да обезбедат услови за здрав, нормален и достоинствен развој на децата – физички, ментален, духовен и социјален.
ЦИВИЛ повторно апелира до институциите, партиите, медиумите и родителите: веднаш да престане вовлекувањето на децата во политиката. Институциите мора да реагираат со решителни санкции против сите кои ќе се обидат да ги користат децата за свои политички цели.
Заштитата на децата е законска обврска, а злоупотребата мора да престане – веднаш!