Фондацијата Гејтс ќе донира 912 милиони долари на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, објави Бил Гејтс, повикувајќи ги владите да ги запрат глобалните намалувања на средствата за здравство. Зборувајќи на настанот на Ројтерс Њузмејкер во Њујорк, Гејтс рече дека светот е на раскрсница и предупреди дека милиони деца би можеле да умрат ако средствата се намалат премногу.
Донацијата на Фондацијата Гејтс е иста како во 2022 година, кога Глобалниот фонд, независна организација со седиште во Женева, последен пат собра средства во тригодишен буџетски циклус. Оваа година доаѓа по големи намалувања на владината помош, особено од Соединетите Американски Држави.
Според Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME), глобалната помош за развој се намалила за 21% помеѓу 2024 и 2025 година, на најниско ниво во последните 15 години. Гејтс предупреди дека ова може да го загрози напредокот што ја преполови смртноста кај децата од 2000 година и спаси околу пет милиони животи годишно.
Фондацијата Гејтс, основана во 2000 година, е еден од најголемите финансиери на глобалното здравје во светот, со фокус на спречување на смртност кај мајки и деца, борба против заразни болести и намалување на сиромаштијата. Гејтс претходно оваа година објави дека ќе донира речиси целото свое богатство од околу 200 милијарди долари до 2045 година, побрзо отколку што планирал, поради итни потреби низ целиот свет.
На годишниот настан „Goalkeepers“, фондацијата му ја додели наградата „Global Goalkeeper“ на шпанскиот премиер Педро Санчез, истакнувајќи дека Шпанија го зголемила својот придонес во Глобалниот фонд за 12 проценти и во Глобалната алијанса за вакцини (GAVI) за 30 проценти./Извор:Makfax