Претседателот на руската државна дума, Вјачеслав Володин, се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за време на официјалната посета на Пјонгјанг, соопшти рускиот парламент во четврток. Володин, близок сојузник на претседателот Владимир Путин, му ги пренесе поздравите на рускиот лидер и му се заблагодари на Ким за поддршката на Северна Кореја за воената кампања на Русија во Украина.
Путин разговараше со Ким по телефон во вторникот и го информираше за планираните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска.
Ким испрати одговор на писмото на Путин, кое го достави Володин по повод 80-годишнината од ослободувањето од јапонската колонијална власт, објави во петокот севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Во писмото до Путин, Ким наведува дека севернокорејските и руските војници воспоставиле „пријателство и единство“ на бојното поле за да се борат против „заеднички непријател“ што тој не го идентификувал, според КЦНА.
Пјонгјанг и Москва го потврдија распоредувањето на севернокорејски трупи за поддршка на руската офанзива против Украина, насочена кон враќање на регионот Курск. Разузнавачката агенција на Јужна Кореја во јуни соопшти дека Северна Кореја е потенцијално подготвена да испрати повеќе трупи во Русија./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...