Да се менуваат „партиските“ дресови во Македонија не е ништо ново, тоа со децении е дел од политичкиот фолклор во државата.
Но сепак, никој толку инстант не „прелетал“ како што тоа го направи професорот Мишко Ралев кој денеска се приклучи на тимот на кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Ралев до пред само две недели беше сериозен претендент да биде кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, а денеска веќе е во спротивниот табор.
Ралев е архитект, професор на Американ Колеџ и гласен критичар на проектот Скопје 2014, заштитен знак за претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен што со години го критикуваше во еден од неговите јавни настапи годинава, проектот Скопје 2014 го нарече вирус.
„Ако можам да кажам од тој период навака практично, заради сите овие околности што ги спомнувате, падна имунолошкиот систем на Скопје. Дополнително, во 2014 му се случи еден нов вирус. Вие имате кажано дека во организмот на градот влезе вирус чии последици ги чувствуваме и веројатно ќе ги чувствуваме уште долго време. Тоа беше уште еден, ако можам така да кажам, удар во животот на Скопје“ кажа тој во интервју за порталот Рацин.мк пред неколку месеци.
Денес, само неколку месеци подоцна, Ралев им се приклучи на оние што ги нарекуваше вирус за Градот Скопје.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...