Кандидатката за градоначалничка на Скопје и потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова, одржа средба со претставниците на независната културна сцена од Културно-социјалниот простор „Јадро“, на која се разговараше за потребите и предизвиците со кои се соочуваат претставниците на независната културна сцена.
Шукова на средбата посочи дека тие се едни од клучните двигатели на креативниот развој, иновацијата и демократските вредности во нашето општество.
„Како кандидат за градоначалник на Град Скопје, чувствувам одговорност да најавам поголема поддршка за работата на независната културна сцена. Верувам дека културата не е трошок, туку инвестиција во иднината на еден град – во неговата креативност и човечност“, рече Шукова.
На средбата, Шукова посочи дека за развојот на независната културна сцена е важно да се создадат слични вакви културни јадра и во другите општини, а дополнително се отвори и прашањето за можноста за зголемување на финансиската поддршка.
„Независната културна сцена претставува важен двигател на културниот и општествениот развој на Скопје и затоа сметам дека заслужува поддршка. Потребно е да се обезбедат услови за проширување на просторните капацитети но и да се размислува за отворање на слични културни јадра и во другите општини. Затоа и ќе се заложам за обезбедување поддршка не само во простор, туку и зголемена финансиска поддршка за програмските активности на независната сцена која активно твори и придонесува за културниот живот во градот Скопје“, рече Шукова.
Културно-социјалниот простор – Јадро е професионална, отворена и инклузивна платформа која во континуитет ги поддржува уметниците, културните работници, граѓанските организации и граѓаните. Со повеќе од 100 културни настани во текот на годината, оваа установа е модел за успешна соработка помеѓу локалната власт во општина Центар и културната сцена.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...