Обраќање, Каја Шукова – потпретседателка на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје:
Потпретседателката на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска испрати силна и емотивна порака до скопјани, по повод 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди градот во 1963 година.
Шукова потсети на солидарноста и заедништвото со кои Скопје беше изградено одново и порача дека токму тие вредности мора повторно да го поведат градот напред.
„Скопје беше повторно изградено со срце, со волја и пред сѐ со солидарност. И токму заедништвото и искрената љубов кон градот се двете сили кои единствено можат да го водат овој град напред. Денес, ни се потребни повеќе од било кога“, изјави Шукова.
Кандидатката за градоначалничка остро се осврна на изминатите четири години од актуелното локално раководство, обвинувајќи го за неспособност и занемарување на интересите на граѓаните.
„Скопје изминатите четири години беше силно погодено од неспособност, лични интереси и негрижа. Духот на Скопје се рушеше и обезличуваше секој ден, оставајќи ги скопјани немоќни пред партиските интереси“, рече Шукова.
Таа истакна дека како иден градоначалник ќе работи со чесност и одговорност, посветена на граѓаните.
„Никогаш како градоначалничка нема да дозволам личните, партиските и било кои други интереси да го уништат градот. Ветувам дека во работата ќе ме водат двете сили кои во 1963 го издигнаа Скопје под рушевините – силата на љубовта кон градот и силата на заедништвото со секој од вас“, порача таа.
Шукова заклучи дека Скопје заслужува повеќе и повика на нов почеток.
„Градот што го преживеа најтешкото, заслужува повеќе. Ние сите заслужуваме повеќе бидејќи го сакаме овој град. Скопје може подобро и ќе биде подобро. Затоа што Скопје сме сите ние. Време е да му дадеме нова сила. Време е да ги земеме работите во свои раце“, истакна Шукова.
СДСМ најавува кампања што ќе понуди реални решенија за сите предизвици со кои се соочува Скопје и визија за град кој им припаѓа на своите граѓани.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...