Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели сертификати на учесниците на петтото издание на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“, што се одржува под нејзино покровителство, а во организација на „Македонија 2025“ во Охрид.
Учесниците на кампот ги претставија своите проекти изработени од лего коцки на тема „FIRST®LEGO® League – FIRST® DIVE℠: SUBMERGED℠“, фокусирани на океаните, како предмет на истражување. Лего решенијата годинава целат кон намалување на загаденоста на океанските води и заштита на загрозените видови.
Импресионирана од лего иновациите, Гордана Сиљановска-Давкова го поздрави и поддржа истражувачкиот дух како клуч за развојот.
За неа, кампот е успешен проект не само заради стимулирањето креативни технолошки активности, туку и заради возобновувањето на врската со татковината, учењето македонски јазик, дружењето, воспоставувањето пријателства.
Таа во нив препознава идни научници со кои ќе се гордее не само државата во којашто живеат, туку и ние.
За неа, една од нејзините најважни цели е да ја врати вербата на граѓаните и на младите во државата, да ги заинтересира за политиката, како и да ги зајакне врските со дијаспората.
Во годинешното издание на кампот учествуваат 22 млади од САД, Канада, Франција, Хрватска, Словенија, Малта, како и учесници од различни делови на земјава кои имаат можност преку практична работа да програмираат FABLE компоненти под менторство на „Brainster“, решавајќи реални предизвици инспирирани од секојдневниот живот. Програмата на кампот предводена од Академијата за роботика и иновации и „STEM Роботика Кочани“, во партнерство со „Young Engineers Скопје“, ја вклучува светски признатата „LEGO® Education“ технологија и STEM програмите лиценцирани од Израел, коишто се користат во над 50 земји ширум светот.