Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Средба на министерката Божиновска со претставници на Светска банка: Поддршка за забрзана енергетска транзиција и нови проекти во енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со претставници на Светска банка, на која се раговараше за тековните и идните активности насочени кон унапредување на енергетскиот сектор во Република Македонија, со фокус на енергетска транзиција, зголемена ефикасност и развој на обновливи извори на енергија.

На средбата беше истакната подготвеноста за продлабочување на соработката во областите на енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и модернизација на енергетската инфраструктура. Посебно внимание беше посветено на нови инвестициски проекти кои треба да обезбедат долгорочна стабилност и сигурност во снабдувањето со енергија.

Претставниците на Светска банка ја изразија безрезервната подготвеност на институцијата да ја поддржи Република Македонија во процесот на забрзана енергетска транзиција.

На средбата беше презентирана и „Програма за резултати“ (Program-for-Results) – инструмент на Светска банка кој овозможува поддршка на долгорочни проекти со јасно дефинирани индикатори за следење, транспарентност и евалуација на резултати. Програмата е особено применлива во сектори каде е неопходна институционална трансформација, инвестиции и управување со ресурсите.

Од страна на Министерството беа презентирани неколку приоритетни области за идна соработка, вклучувајќи:
• зголемување на капацитетите за обновлива енергија,
• дигитализација и модернизација на енергетската инфраструктура,
• како и нов проект за енергетска ефикасност во резиденцијалниот сектор, кој би овозможил директна корист за домаќинствата и граѓаните преку мерки за подобрување на енергетската ефикасност во домовите.

Министерката Божиновска ја потврди определбата на Министерството за конкретни реформи, стратешко планирање и унапредување на регулативата во согласност со меѓународните практики. Таа упати благодарност до Светска банка за континуираната поддршка, оценувајќи ја како клучна за забрзување на зелената транзиција и стабилен енергетски систем во државата.

Министерството ќе продолжи со активна соработка со меѓународните финансиски институции за реализација на стратешки проекти кои го поддржуваат економскиот развој и енергетската безбедност на Република Македонија.

Можеби ќе ве интересира

Одржани редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика и седница на Советот на Народната банка

ДЕСК

Туркије урива рекорди во туризмот – остварени над 50 милијарди долари приход во првите три квартали од 2025

ДЕСК

Косово нѐ престигнува со плата од 500 евра во 2026-та, раст во целиот регион освен во Македонија каде засега остануваме со минималец од неполни 400 евра

ДЕСК