Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
SHOWBIZ

Актерот Џулијан Мекмахон починал од рак

Откриени се нови шокантни детали за причината за смртта на познатиот актер Џулијан Мекмахон откако тој почина ненадејно на 56-годишна возраст.

Смртта на Џулијан Мекмахон беше објавена на 2 јули, а неговата сопруга Кели откри дека актерот тајно се борел со рак.

Австралискиот актер починал од метастази на белите дробови од рак на главата и вратот, објави People.

Причината за смртта беше окарактеризирана како природна, а останките на Мекмахон оттогаш се кремирани, пишува Дејли Меил.

Последното јавно појавување на Џулијан беше во март, заедно со Николас Кејџ, на фестивалот SXSW во Остин, Тексас. Актерот изгледаше видливо послаб додека го промовираше психолошкиот трилер „Сурферот“.

Неговата сопруга во својата проштална порака рече: „Со отворено срце сакам да споделам со светот дека мојот сакан сопруг, Џулијан Мекмахон, почина мирно оваа недела по храбра борба со ракот“.

„Џулијан го сакаше животот. Тој го сакаше своето семејство. Тој ги сакаше своите пријатели. Тој ја сакаше својата работа и ги сакаше своите обожаватели. Неговата најголема желба беше да донесе радост во што е можно повеќе животи.

„Ве молиме за вашата поддршка во овој период, за да можеме да тагуваме во приватност. Исто така, сакаме секој на кого Џулијан му донесе радост, да продолжи да наоѓа радост во своите животи. Благодарни сме за спомените“, додаде таа во изјава за Deadline.

Талентираниот актер беше најпознат по улогата на д-р Кристијан Трој во серијата „Нип/Так“, која се емитуваше шест сезони од 2003 до 2010 година, во која глумеше заедно со Дилан Волш, кој го играше Шон Мекнамара.

За таа улога, тој беше номиниран за наградата „Златен глобус“ за најдобар глумец во драмска серија во 2004 година./Извор:Makfax