„Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта,“ истакна Филипче.
Тој предупреди дека неодговорните чекори на актуелната влада ја загрозуваат довербата на нашите стратешки партнери и ја намалуваат поддршката која државата ја уживаше досега.
„За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Нема Мицкоски кон кого да покаже со прст, ветуваше гордост, а добивме понижување,“ рече Филипче.
Според него, власта имаше добри стартни позиции и подготвени гаранции, но ги уништи со своето неодговорно однесување.
„По преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ доби чиста ситуација. Добија загарантиран македонски јазик во Унијата, добија јасен пат напред. Но ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно,“ истакна Филипче.
Тој потсети дека патот кон ЕУ беше јасно трасиран и сигурен додека СДСМ ја водеше државата, но дека денес сме сведоци на целосен дипломатски и политички пораз на власта.
„Нашата борба и визија беа јасни: да го заштитиме јазикот и идентитетот и што поскоро да влеземе во ЕУ како Македонци кои говорат македонски јазик. Ова во ниеден момент не беше, ниту пак е, загрозено сега,“ рече Филипче.
Завршувајќи, Филипче посочи дека актуелната влада само ги продлабочува проблемите и ја оддалечува Македонија од Унијата со секој следен чекор, додавајќи: „Жално е нивото на несвесност за последиците и штетите од овие политики кои ѝ се прават на државата и граѓаните.“