Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Левица: Анти-работничката власт не гласаше за шестчасовен работен ден

Соопштение на Левица:

На денешната собраниска седница, владејачкото мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ, во својот веќе препознатлив арогантен стил, повторно одби да се стави на дневен ред предлог-закон на Левица. Се работи за предлогот на пратеничката група на Левица за воведување шестчасовно работно време, во време кога состојбата со работничките права е алармантна, додека авторитарната власт е во отворена војна со синдикатите и во целосна заштита на олигархијата.

Во изминатава година дена, имаме владејачка коалиција која ревносно се бори против зголемувањето на минималната плата, додека државниот апарат е насочен кон поттикнување на паралелни синдикати кои одговараат единствено на интересот на крупниот капитал и на приватните спонзори на партиите.

Ваквото предлог-законско решение доаѓа како одговор откако власта на ДПМНЕ и ЗНАМ го одби предлогот на синдикатите за зголемување на минималната плата, поднесен од Левица. Намалување на работното време е позитивен пример кој го имплементираат држави од регионот, како Црна Гора, каде владата веќе усвои иницијатива за седумчасовно работно време. Ова е позитивна пракса, која веќе е тенденција на европскиот континент во држави како Шведска, Германија и Франција, додека искуствата јасно покажуваат подобра продуктивност, помало отсуство од работа, подобро ментално здравје и зголемена лојалност кон работните обврски од страна на работниците. Ниедна од овие земји не претрпе економски шок, туку напротив, позитивно стимулирање на економијата.

Но, очигледно, приоритет на оваа десничарска влада не е унапредување на работничките права и стандардот на граѓаните, туку единствено брутално задоволување на бизнис-интересите на моќници блиски до овие партии – додека македонскиот работник преживува под ниски плати и сурова експлоатација.