Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Започна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција во вредност од 60 милиони евра

Изјава на Христијан Мицкоски:

„Почитувани екселенции, деловни партнери, почитувани претставници на институции, драги пријатели,

Денес отпочнуваме со уште една капитална инвестиција за државата.

Денес не го поставуваме само почетокот на изградбата на еден гасовод. Туку го поставуваме почетокот на еден нов, енергетски посигурен, економски поефикасен и стратешки поисплатлив период за сите нас.

Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјата, во нејзиниот целокупен економски развој и во нејзината просперитетна иднина.

Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, стануваме значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и домашната економија.

Ова што денес го правиме не е симболика. Ова е суштинска промена. Ова е доказ дека, кога ќе се фатиме за работа, кога ќе имаме визија и кога ќе владее одговорност- сè може да се направи.

Работиме. Градиме. Создаваме. Не со зборови, туку со дела.

Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и една силна порака- конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа.

Со овој проект ќе изградиме 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Како што кажа и директорот, почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, кој што може да се зголеми и до 3 милијарди. Тоа е енергија за раст. Тоа е гориво за економијата. Тоа е безбедност за иднината.

Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, или околу 60 милиони евра. Со поддршка на овој проект од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и со Европската Унија покажуваме дека можеме да направиме многу повеќе.

Да бидеме искрени- овој проект не е нова идеја. Но, досега остана само како идеја. Иако беше ветувано претходно, никогаш не беше започнат.

Затоа, денес не правиме спектакл за да ги залажеме луѓето, туку да покажеме дека се работи со одговорност, истрајност и вистински намери- резултатите стигнуваат.
И ова е само дел од поголемата слика.

Се поврзуваме со гасоводите на соседите. Тоа ќе нè направи регионална енергетска крстосница. Тоа значи повеќе избори, повеќе стабилност и пониски трошоци. Тоа значи дека повеќе нема да бидеме на крајот од мрежата, туку во срцето на регионалниот енергетски тек.

Зашто тоа е нашата работа- да ја изградиме таа иднина. Ние сме тука да градиме нешто подобро. Ги засукавме ракавите, ја презедовме одговорноста и почнавме да ги поставуваме темелите.

Темели на нови патишта и автопати. Темели на нови инвестиции и индустриски зони.

Темели на нови болници и училишта. Темели на нова енергетска архитектура.

Денес, повторно покажуваме дека не стоиме, се движиме. Не чекаме- градиме.

Создаваме нови можности. Ги градиме темелите на промените.

Затоа, ова не е крај- ова е почеток на нешто поголемо.

Ова е порака до секој инвеститор, до секој граѓанин, до секој млад човек- дека тука, во оваа држава, има простор за развој, за шанса, за стабилност.

Ќе продолжиме да работиме. Ќе продолжиме да градиме. Ќе продолжиме да ја создаваме новата македонска иднина. Затоа што времето што доаѓа не е само слоган. Тоа е реалност што ја правиме заедно.

Да живее трудот и визијата. Да живее иднината која ја градиме со сопствени раце.

Ви благодарам.“

Видео од обраќањето