Американскиот претседател Доналд Трамп откри на приватен донаторски настан во 2024 година како му се заканувал на рускиот лидер Владимир Путин за време на неговиот прв мандат, открива CNN, повикувајќи се на снимки од настанот.
На оваа снимка, како што тврди CNN, може да се слушне како Трамп разговара со донатори за време на изборната кампања откривајќи детали од приватни разговори од неговиот прв мандат.
„Му реков на Путин дека ако ја нападне Украина, ќе ја бомбардирам Москва. Ми рече дека не ми верува, но мислам дека ми веруваше барем 10 проценти“, рече Трамп.
Трамп тврди во овие снимки дека му упатил слична закана и на кинескиот претседател Си Џинпинг, велејќи му дека ќе го бомбардира Пекинг ако оваа земја одлучи да го нападне Тајван.
„Мислеше дека сум луд“, рече американскиот претседател, додавајќи дека „никогаш немал проблем“ со лидерот.
Изјавите дадени од Трамп додека ја изложувал својата платформа за втор мандат се снимени на серија аудио снимки од вечери за собирање средства во 2024 година во Њујорк и Флорида.
Снимките подоцна ги добија новинарите Џош Дози, Тајлер Пејџер и Исак Арнсдорф, кои опишаа некои од разговорите во нивната нова книга „2024“.