Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Реакција на СДСМ по повод заканата за губење на статусот на Охрид како светско природно и културно наследство под заштита на УНЕСКО

Реакција на СДСМ по повод заканата за губење на статусот на Охрид како светско природно и културно наследство под заштита на УНЕСКО:

Власта предводена од ВМРО ја носи државата до нова национална срамота. Охрид, еден од најзначајните симболи на македонскиот идентитет, култура и природно богатство, е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство благодарение на неспособноста, неодговорноста и урбанистичкиот дивјачки порив на оваа власт.

Во најновиот нацрт документ на УНЕСКО, јасно се посочува дека властите во Северна Македонија не ги исполнуваат своите обврски , не го почитуваат ниту најосновното: да ги стопираат деталните урбанистички планови, да спроведат проценки на влијанија, да ја запрат бетонизацијата, да ги отстранат дивоградбите и да ја спасат природната рамнотежа на Охридскиот регион. Во декември 2024, УНЕСКО јавно препорача вклучување на Охрид во листата со опасност, оценувајќи дека е во висок ризик поради:

· Урбанизација без контрола

· Еутрофикација од отпадни води

· Загрозување на биодиверзитетот

· Недостиг од трансгранична соработка

Наместо да го почитуваат уставниот и меѓународен долг да го заштитат Охрид, Мицкоски, неговите министри и неговиот градоначалник Пецаков, со одобрување или молк, го бетонираат крајбрежјето, го газат Студенчишкото Блато, и ги игнорираат сите предупредувања од меѓународните тела. Власта не само што не ја почитува стручната јавност и граѓаните, туку директно ја загрозува економијата, туризмот и иднината на целиот регион.

Претходната влада предводена од СДСМ не само што успеа да го задржи статусот на Охридскиот регион, туку и имаше акционен план усвоен на влада во декември 2023 каде јасно беа зацртани целите и задачите на сите засегнати страни.

Националната комисија за УНЕСКО во претходниот мандат постојано заседаваше и токму нејзината работа беше оценета со најпозитивни оценки во извештајот минатата година. Новата комисија за година дена владеење на ДПМНЕ не одржа ниту еден состанок!

Ниту е одржан нов управувачки комитет заедно со Албанија.

Ниту е помрднато со спроведување на мерките од акциониот план кој е владин документ и кој не препознава партија- туку само работа!

Средбите кои министерот за Транспорт и врски Александар Николовски ги имаше со највисокото раководство на лицата задолжени за охридскиот регион, не само што не вродија со плод, туку како и секоја друга состојба која претходната влада ја осигура, само беа искористени за себепромоција и за расипување на веќе направеното.

Се отвораат веќе затворени прашања.

Нема усогласување на законите. Ги повлекоа од собрание предлог-законите за Охридското Езеро (како „Споменик на природата“) и за Студенчишко Блато (како „Парк на природата“).

Ова е историска неодговорност. Наместо да ги исполнат обврските и да го сочуваат статусот на УНЕСКО, тие спроведуваат шеми за урбан криминал, поттикнуваат градежна анархија и ја претвораат Охридската убавина во урбан хаос.

СДСМ бара итна реакција од Владата, со конкретни мерки, стопирање на сите урбанистички дивеења и целосно спроведување на препораките на УНЕСКО. Доколку Мицкоски не знае или не сака, нека се тргне. Охрид не е политичка жртва. Охрид е светско наследство и ќе го браниме со сите демократски, институционални и меѓународни средства.

СДСМ останува гласот на разумот, заштитата и иднината на Охридскиот регион.