Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Трајчулевски: Владата не знае да се справи со пожарите, ги остави граѓаните сами со огнените стихии

Прес-конференција, Митко Трајчулевски, пратеник на СДСМ:

Додека цела држава е под огнена стихија, владата на Мицкоски, заедно со Ангелов, Тошковски, Мисајловски и останатите молчи. Не дејствуваат и повторно ги оставаат граѓаните сами да се борат со стихијата.

Само еден ден по спектакуларното сликање со „импровизирана“ противпожарна единица и старите хермелини од Армијата, на дело ја видовме нивната неспособност и опасната импровизација. Целото шоу траеше 24 часа – потоа дојде реалноста. Пожари на повеќе локации, вонредна состојба во општини, а граѓаните сами со лопати и црева се борат со огнот, затоа што институциите целосно потфрлија.

За жал, ова не е првпат. Минатата година изгореа 12% од територијата на државата, повеќе отколку за сите седум години додека СДСМ беше на власт.

Тогаш, според ДПМНЕ, вината беше кај СДСМ. А сега? Кој е виновен денес, господине Мицкоски? Повторно ли ќе го обвинувате СДСМ?

Иако цела година имаа време да се подготват, Владата:

• Не набави нова опрема,

• Не вработи обучени пожарникари со достоинствени услови,

• Не ја сервисираше флотата на авиони за гаснење,

Повторно Мицкоски и неговите кадри го оставија народот сам на себе.

Во исто време, не им фалеше буџет за службени возила, за советници со плати од 100.000 денари, за приватни авиони и луксуз.

Се прашуваме: дали државата треба да изгори за конечно некој да преземе одговорност?

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, излезе со изјава дека пожарот во Чучер Сандево бил под контрола – а вистината е сосема поинаква. Граѓаните сами бараат помош на социјалните мрежи. Сами се организираат. А Владата? Молчи. Нема реакција. Нема логистика. Нема држава. Градоначалникот на Чучер Сандево веќе прогласи вонредна состојба.

Колку за потсетување, уште во март 2024 година оставивме подготвен Предлог-закон за интегриран систем за кризен менаџмент. Една година подоцна, ништо.

На 6 јули 2025, Владата го промовираше таканареченото „македонско интервенто противпожарно тело“. На 7 јули, веќе се виде лагата – систем нема, опрема нема, реакција нема. Само ПР, толку знае владата на Мицкоски.

Оттука го прашуваме Мицкоски: дали во која било земја во светот се гасат пожари со БТР-и и хермелини од армијата? Ова не е ниту НАТО, ниту Европа. Ова е циркус.

Наместо МИП – Македонска Интервентна Пожарна, ние гледаме „импровизирана“ противпожарна единица и евтин ПР. Проблемот е што последиците од вашата неспособност ги чувствуваат граѓаните на терен.

СДСМ со одговорен пристап, подготви законски решенија, модели за интегриран систем, обезбеди повеќе шумска и цивилна заштита. ДПМНЕ за само една година направи да изгори двојно повеќе отколку за цела деценија.

Со пожарите не се гасат со слики и ПР. Со кризи не се справува со лаги и партиски вработувања.