ВМРО ДПМНЕ со утринско соопштение:
Покрај тоа што СДС покажа некадарност да работи на реализација на големи проекти, за седум години власт покажа тотална неспособност и во сервисирање на редовните обврски и побарувања.
Наместо да вложува во модернизација на Армијата, СДС за седум години власт целосно ја уназади, а војниците ги понижи.
Со преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја води Владата, се соочи со долгови и неисплатени надоместоци на вработените во Министерството за одбрана.
Раководството на СДС во Министерството за одбрана, не беше способно да ги исплати финансиските побарувања и обврски кои произлегуваат од Колективниот договор, Законот за служба во Армијата, интерните Правилници и Прописи.
Намерно, со години не ги исплаќале надоместоците и сето тоа резултирало сo огромен број тужби од страна на самите вработени.
Се работи за неисплатени дневници кон припадниците на Армијата со години наназад, ноќни часови работа, закупнини, хранарина, заостаната бонус плата за вработените кои имаат надминато повеќе од 150 часови прекувремена работа, јубилејни награди.
Со многу работа, труд, посветеност и волја се обезбедија средства за да се исплатат законските и заслужено сработените парични надоместоци на вработените.
Се обезбедија финансиски средства во вкупен износ од 13,7 милиони евра за исплата на голем дел од овие заостанати обврски, вклучувајќи ги и оние кои веќе доспеаа како нови, како регресот за годишен одмор.
Ќе бидат наградени сите оние храбри војници 436 (320+116) на број, кои се бореа со пожарите кои ја зафатија нашата држава минатото лето.
Полека, но сигурно се воспоставија и почнаа да се градат темелите и во одбрана, се изнајдоа средства за исплата на побарувањата и почна процес на модернизација на Армијата.
Модернизацијата на Армијата е процес кој се реализира со силен интензитет и за таа цел од буџетот на Одбрана се одвојуваат 32%, односно 106 милиони евра. Тоа е за 18 милиони евра повеќе од минатата 2024 година.
Се донесе Законот за вработените во Министерството за одбрана, со кој се заокружи една етапа во развојот и унапредување на статусот на вработените, се дефинираа процеси кои за првпат произведоа права и обврски, на начин кој претпоставува подобрена слика за мотивираноста на персоналот и угледот на институцијата.