Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Мицкоски е виновен за бришење на македонскиот јазик во Европскиот парламент

Интегрален текст од денешната прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ:

Почитувани,

На македонскиот јазик му се заканува бришење од Извештајот на Европскиот парламент. Доколку тоа се случи ќе има само еден виновник – Христијан Мицкоски. Никој друг.

Мицкоски свесно ја отвори веќе затворената дебата за македонскиот јазик во ЕУ, со што директно го загрози она што еднаш беше постигнато – признавањето на македонскиот јазик како единствен и автентичен јазик на македонскиот народ во Европската унија.

Ова не е грешка. Ова е намерен, политички пресметан чекор со кој Мицкоски, воден од теснопартиски интереси и слугување на туѓи држави, повторно ја доведе државата и македонскиот народ во понижувачка ситуација.

Мицкоски не може да впери прст кон никого за поразот што Македонија повторно го доживува во Брисел. Токму тој и неговиот пријател Андреј Ковачев, со кого заеднички работат на блокирање на европската перспектива на македонските граѓани, се виновни за ова. Неговата координирана акција со Андреј Ковачев и европратениците од ЕПП резултираше со тоа што денес повторно ни се оспоруваат јазикот и идентитетот. Повторно нè вратија таму каде што веќе бевме поминале – во борба за основни национални права.

СДСМ, преку договорот за ФРОНТЕКС и Преговарачката рамка, ја извојува најчистата победа за македонскиот јазик. Договорот Фронтекст е документ потпишан на чист македонски јазик, без фусноти, без придавки, без ѕвездички. Во преговарачката рамка стои јасно македонски јазик.

Ова е победа која никој не можеше да ја оспори. Но наместо да ја поддржи, Мицкоски не работи за Македонија.

Во отсуство на резултати, неспособен да испорача за граѓаните, Мицкоски денес единствено што прави е да ги претвора победите во порази. Ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата и самоволието, киднапирајќи ја европската иднина на државата.

Мицкоски треба веднаш да се извини пред македонскиот народ и да сноси политичка одговорност за тоа што го избриша македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент.