„Работнички е клуб со богата историја и длабоки корени, но и со предизвици кои ги надминуваме заедно. Верувам дека со новиот стручен тим и новата сала, повторно ќе бидеме меѓу водечките имиња во македонската и регионална кошарка“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со директорот на клубот Горан Веселиновски и новиот тренер Владимир Мирковски.
На состанокот се разговараше за плановите за новата сезона, тековните подготовки и втората фаза од реконструкцијата на салата во Градски парк.
Герасимовски ја истакна својата поддршка за новиот тренер, Владимир Мирковски, кој зад себе има повеќе од 20 години искуство, докажан пристап во работа со млади играчи и способност да гради тим со силна хемија. Мирковски е етаблирано име во регионот, со тренерска кариера во клубови како Војводина (Србија), Вардар, МЗТ Скопје, Академија ФМП и Куманово, а двапати е прогласен за најдобар тренер од Кошаркарската федерација на Македонија.
Како дел од стручниот тим, се приклучува и Сашо Тодоровски како помошен тренер, со меѓународно искуство како стручен соработник во елитниот ЦСКА Москва.
Во новиот состав, репрезентативците ќе останат, а приоритет ќе им се даде на младите македонски кошаркари, кои ќе добијат вистинска шанса да ја изградат својата кариера и да го носат идентитетот на Работнички.
Герасимовски информираше дека реконструкцијата на салата е во полн ек, а веќе следната сезона клубот ќе ја игра во својот нов дом.
Салата се уредува според ФИБА стандарди, со нови трибини и седишта, модернизирани соблекувални, туш-кабини, климатизација и осветлување.