Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестМАКЕДОНИЈА

СДСМ: Со ребалансот власта крати пари од граѓаните за таа да се луксузира, СДСМ поднесува 160 амандмани за да ги исправи неправдите

Интегрален текст од денешната прес-конференција на Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ:

Почитувани,

Предложениот ребаланс на Буџетот наместо да понуди подобрување на состојбите во економијата е всушност доказ за целосниот неуспех на економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Овој ребаланс ја разоткрива вистината – дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации.

Со овој ребаланс нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните, за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами на себе.

Вака сиромаштијата ќе расте, граѓаните ќе имаат се помалку пари, а животот ќе биде потежок. Власта крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите!

Со овој ребаланс власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра. Тоа е директен удар врз земјоделците, врз работниците, семејствата со ниски приходи, социјално загрозените.

Истовремено, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги за владата– значи за повеќе папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури на функционерите. Ова е срамно понижување, Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот.

Јавните претпријатија се нова жртва на алчноста на власта. Со ребалансот, Владата сака да земе 70 милиони евра од неданочни приходи. Тоа значи – ќе им ги земат профитите на јавните претпријатија кои успешно работат. Наместо развој, инвестиции и подобри услуги, јавните претпријатија власта ги гуши, ги кочи, со што директно удира и по вработените и по економијата.

За Фондот за ПИОМ власта одвојува дополнителни 35 милиони евра. Ова значи дека придонесите не се наплаќаат доволно, дека дупката во Фондот за пензиско се зголемува. Ако вака се продолжи идните пензии се доведуваат во прашање.

Се зборува за ’’раздвижување,,, но реалноста е сурова, до мај се реализирани само 22% од планираните капитални расходи, а тоа е за 14% помалку од истото време минтата година која ја нарекуваа катастрофа. Со овој тренд неможе да се исполни ни половина од тоа што се проектира. Празни ветувања, без реална имплементација.

Ова значи или ќе имаме нов трет ребаланс, или нов дефицит, кој повторно ќе го плаќаат граѓаните.

Нерелни бројки има и кај капиталните инвестици и кај растотот. Владата проектира мал раст од 3,7% додека се фали со раст од 3%. Но за економија во оваа состојба, тоа е ползење, не развој.

За споредба, во 2021 година растот беше 4,5% во година после тешка криза. Со ова темпо, Македонија никогаш нема да го стигне ни просекот на ЕУ, камоли нешто повеќе.

Од ресорното Министерство за финансии зборуваат за наводно намалување на јавниот долг за 50 милиони евра. Но ја кријат вистината – во 2024 година јавниот долг порасна за 1 милијарда и 100 милиони евра. Државата ја заврши годината со рекордни 62,4% долг од БДП, а над 90% од зголемувањето е дело на оваа Влада.

Во ребалансот ги нема 7 милијади евра од Британија. Тоа значи дека нема договор за изворите на парите, не се знае каматата, не се знае ништо. Како тогаш се лицитира со проекти ако нема извори на финансирање и камати? Колкава камата ќе обезбеди Владата, дали ќе успее да најде пари со камата од 3 посто или 5 е голема разлика. Тоа останува да го видиме.

Да заклучиме, овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента. Затоа, СДСМ поднесува 160 амандмани со кои бараме поддршка да се исправат неправдите кои ги планира власта.

Денеска објавуваме дел од нив:
-934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
-60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема во болницата во Кочани.
-Апарати за магнетни резонанци, 20 дефибрилатори, 10 вентилатори, 50 кислородни боци, инсулински боци, за здравството и брзата помош
-Зголемување на студентски стипендии и поддршка за студенти од ранливи семејства.
-Бесплатен превоз за ученици во руралните средини
-10% зголемување на платите на наставници во основно и средно образование
-Пари за колекторски систем во Дојран, Дом за стари лица во Штип, откупен центар за земјоделски производи во Охрид, Жичарница на Пелистер, поликлиника во Кисела Вода, градинка во Крњево.
-Повеќе пари за реконструкција на училишта, градинки, патишта, канализации, водоводи низ различни општини во државата, за Сојузот на борци од НОБ.

Ова се реални и одговорни предлози за кои има простор во буџетот, но треба да се намали луксузирањето и расипништвото на власта.

Овие амандмани ги поднесовме – затоа што не смееме да дозволиме со државни пари да се зголемува луксузот на функционерите, додека настраданите и обесправените се заборавени. Ги повикуваме сите пратеници во Собранието – без разлика на политичка припадност – да учествуваат во расправата, да ги разгледаат амандманите на СДСМ и да ги поддржат.

Ова не е момент за партиска калкулација, туку за солидарност, одговорност и праведност.

Време е за економија која им помага на граѓаните, на земјоделците, работниците, наставниците, лекарите, на поврдните и семејствата од Кочани. Македонија заслужува повеќе! Не за луксузирање на власта, ДА за повеќе пари кај народот и конечно поддршка за Кочани.