Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шефот на ЦИА: Нуклеарната програма на Иран е назадена со години

Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, изјави дека американските воздушни напади сериозно ги оштетиле нуклеарните објекти на Иран и ги вратиле со години, што е спротивно на протечениот извештај што го налути претседателот Доналд Трамп за потценување на влијанието на американскиот напад, објави Би-Би-Си.

Ратклиф рече дека објектите клучни за нуклеарната програма на Иран се уништени, но нема потврда дека нуклеарната програма на Иран е целосно елиминирана.

Неговите изјави доаѓаат откако Си-Ен-Ен, повикувајќи се на прелиминарна анализа од разузнавачката агенција на Пентагон (ДИА), објави дека американските напади веројатно не ги нарушиле капацитетите на Иран за нуклеарно оружје на долг рок, туку само ги одложиле за неколку месеци.

Во меѓувреме, претседателот Трамп изјави дека нуклеарните објекти на Иран се „срамнети со земја“. Тој вчера ги нападна медиумите и нивните „лажни вести“, велејќи дека лажеле за влијанието на воздушните напади и целосно погрешно ги протолкувале фактите што ги немале.

Тој не рече дека нуклеарната програма на Иран е целосно уништена.

Тој, исто така, објави дека министерот за одбрана Пит Хегсет и други воени претставници ќе одржат „интересна и неоспорна“ прес-конференција во Пентагон „за да го одбранат достоинството на нашите големи американски пилоти“.

Порано, поранешниот заменик-генерален директор на нуклеарното надзорно тело на ОН изјави дека Техеран сè уште може да произведе делови за нуклеарно оружје во рок од еден месец, и покрај нападите на САД и Израел врз иранските нуклеарни постројки./Извор:Makfax