Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ – Македонија е понижена и нема европска иднина

Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Симона Цветаноски – членка на ИО:

Почитувани граѓани,

Една година по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, реалноста е болна: Македонија не е горда, Македонија е понижена.

Понижени се работниците, земјоделците, младите. Наместо ветени промени, добивме стара, корумпирана власт, со луксуз за функционерите, а сиромаштија и страв за граѓаните.

Економската состојба е катастрофална. Животот станува сè потежок, платите не растат, а цените секојдневно одат нагоре. Парното поскапе, струјата поскапе. Народот е оставен сам, додека власта се расфрла со луксуз – приватни авиони, хотели од соништата, скапи јадења, папаја, манго.

Владата лаже за економски раст, а фактите се јасни: инфлација речиси 4.5%, раст од само 2.6%. За првпат имаме полош економски резултат дури и од воената 2001 година.

И сето тоа додека владата за една година ја задолжи државата со 7 милијарди евра, а сега најавува уште 700 милиони преку еврообврзница. Нема план, нема отчет, само нови долгови што ќе ги враќаат граѓаните.

Во земјоделството – хаос. Наместо ветени 180 милиони евра субвенции, имаме кратење од 50 милиони. Нема субвенции за оризопроизводителите, сточарите добија намалување за 50%, а тутунарите останаа без вода.

Секој ден има нов скандал, нови сомнежи за криминал, за тендерски шеми за богатење на поединци во власта.

На безбедносен план, граѓаните се оставени без заштита, се штиттат само функционерите на власта и тоа од одговорност.

Видовме трагедии што можеа да се спречат, а полицијата наместо да ги заштити граѓаните, се претвори во партиска војска која штири криминал во своте редови.

Наместо зголемена безбедност – скандалозни набавки за униформи, фантомски тендери и програми за следење и прислушување. Тоа е реалноста денеска.

Ветуваа реформи во судството – не донесоа ниту еден реформски закон. Наместо независно обвинителство, добивме судство под притисок и закани. Ветуваа рационализација, а вработуваат по партиски списоци.

Ветуваа иднина, а ја срушија перспективата на младите. Наместо интеграција во ЕУ – блокада. Наместо задржување на младите – иселување.

Оваа власт го урна достоинството на граѓаните. Нема горда Македонија без горди работници, без правичност и економска сигурност. Нема горди млади без иднина, нема гордост со власт која ги лаже, манипулира граѓаните а се грижи само за богатењето на функционерите.

СДСМ ќе продолжи да ја зборува вистината, да се бори за граѓаните, и за враќање на достоинството, правдата и надежта. Македонија заслужува повеќе, заслужува подобро.

error: Соддржината е заштитена.