8. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лимани: Доделени 26 нови грантови за развој на социјални услуги на локално ниво – грижа што стигнува до секој дом

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денес официјално ги потпиша договорите за грант за развој на социјални услуги со девет општини, од вкупно 26 одобрени апликации.

Доделувањето на грантовите е во рамки на третиот јавен повик од Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој се реализира со поддршка од Светската банка.
На свечениот настан, министерот истакна дека овој повик е продолжение на заложбите за изградба на инклузивен и одржлив систем на социјална заштита, насочен кон потребите на граѓаните во локалните заедници.

Во рамки на настанот беа потпишани договори со општините: Гевгелија, Охрид, Шуто Оризари, Арачиново, Карпош, Могила, Новаци, Ресен и Старо Нагоричани за воспоставување нови социјални услуги, како што се: помош и нега во домот, дневен за стари лица со активно стареење и дневен центар за лица со попреченост со индивидуален третман.

Претходно, преку првите два јавни повика беа поддржани 34 проекти во 43 општини, со вклучување на над 460 негуватели, а над 1.600 граѓани веќе користат услуги поддржани од овој проект.

„Овие проекти не само што обезбедуваат грижа за најранливите, туку ја отвораат и можноста за економска и социјална активација на лица кои досега биле изолирани од пазарот на трудот – долгорочно невработени, корисници на гарантирана минимална помош, самохрани родители“, рече министерот.

Проектот за подобрување на социјалните услуги е дел од системскиот процес на децентрализација и плурализација на социјалната заштита, каде општините имаат сè поцентрална улога во креирањето и спроведувањето услуги според реалните потреби на нивните граѓани.

Министерството најави континуитет на поддршка за сите локални самоуправи и даватели на услуги кои покажуваат иницијатива и капацитет за развој на услуги што ќе обезбедат повисок квалитет на живот за граѓаните низ целата држава.

Можеби ќе ве интересира

Куферот пред штабот на ВМРО ДПМНЕ бил празен

ДЕСК

Ацевски: Ревизија на сите ДУП-ови во Ѓорче и забрана за градење на висококатници!

ДЕСК

Каранфиловска Пановска: СДСМ и Методија Куновски имаат одговори за економскиот развој и создавање подобри услови за компаниите во Битола

ДЕСК