Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Манасков: ВМРО-ДПМНЕ ги изневери просветните работници и учениците, ништо од ветеното не исполни!

Интегрален текст од денешната прес-конференција на Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ:

Почитувани граѓани, почитувани просветни работници,

Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, дозволете ми да ви го честитам 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, патрон на просветните работници, лицата кои ја градат иднината на нашите деца.

Искажуваме благодарност до просветните работници и до сите оние кои секојдневно вложуваат целосна посветеност во воспитно-образовниот процес и во создавањето на идни професионалци во различните области на општественото живеење.

СДСМ тоа и на дело го има покажано. Фокусот на Владата предводена од СДСМ во изминатиот период на своето работење беше создавањето на соверемен и инклузивен образовен систем достапен за сите.

СДСМ во областа на образованието, во еден исклучително предизвикувачки период, кога светот се соочуваше со пандемија, енергетска и економска криза успеа да спроведе длабоки системски, инфраструктурни и кадровски реформи во образованието.

Ги зголемивме платите за 56% во основното и средното образование, вклучително и воведување на регрес за годишен одмор првпат по 20 години. Зголемувањето во научните и соработничките звања е меѓу 40% – 66%

Го укинавме екстерното тестирање и казните за наставниците,

Го воведовме дуалното образование во кое се вклучија 12 000 средношколци и 450 компании

Создадовме подобри услови за реализација на наставата со реконструкција на 120 училишта, изградба на 48 спортски сали и опремување на 265 кабинети по природни науки со најсовремена опрема.

Реализиравме проекти во партнерство со ЕУ и Светска банка со инвестициски фонд од 21.5 милиони евра.

Ги зголемивме стипендиите за 90% за средношколци, ученици од дуални паралелки, студенти и докторски студии

За учениците со посебни образовни потреби ангажиравме над 800 образовни асистенти со цел соодветен образовен пристап и поучување.

За талентираните ученици ја формиравме Математичко – информатичката гимназија.

Дополнително, СДСМ презеде конкретни чекори за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Вклучувајќи дигитализација на Толковниот речник и Правописот, на картотеките, обезбедивме нови вработувања во Институтот за македонски јазик. Донесовме и посебен Закон а благодарение на нашите напори, македонскиот јазик стана официјално признат во светот и во рамки на ЕУ.

Ова се конкретни и реални достигнувања на Владата што ја предводеше СДСМ.

Денеска гледаме уназадување на образовниот процес и статусот на наставниот кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за една година не исполни ниту едно од предизборните ветувања за просветните работници и учениците.

ВМРО-ДПМНЕ нема ниту волја ниту слух за зголемување на платите на вработените во образованието иако потрошувачката кошничка секојдневно расте.

Во секој јавен настап министерката и нејзината партија вршат притисок врз наставниците кои според нивните анализи се вишок, а вршаат трансформации на работен однос на партиски подобни наставници.

Педагозите ги исклучуваат од наставата во вториот период на основното образование. Носат законски решенија во затворен круг во Белата палата без вклученост на засегнати страни и без јавна дебата. Со нивната смислена препишувачка техника, законските решенија и предложените амандмани на пратениците на СДСМ ги одбиваат за да подоцна истите ги припишат како свои.

Три пати ги менуваат законите за основно и средно образование. Сте се запрашале, зошто? Затоа што тие со Весна Јаневска на чело и после цела една година немаат план, визија, ниту стратегија. На кратко „не знаат каде тераат“.

И затоа Весна Јаневска треба час поскоро да си оди од оваа одговорна позиција.

Граѓаните, родителите и просветните работници не заслужуваат аматеризам. Образованието не е терен за експерименти и политичка самопромоција

СДСМ останува гласен и посветен партнер на наставниците: за подобри плати, еднакви можности за учениците и транспарентни политики во кои секој глас ќе биде слушнат.

Почитувани колеги, просветни работници, Вие сте чувари на иднината – со вас сме, да кренеме глас за достоинствено образование!

Да живее 24 Мај! Да живее денот на просветните работници! Да живее Република Северна Македонија!