Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Отворен Јавен повик за „Нож и виљушка на европска чинија“, да се поврземе со светот

По повод Меѓународниот ден на семејството 15 Мај, Општина Центар распишува Јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, како дел од Годишната програма за култура на општината. Во рамките на овој проект, планирано е претставување на карактеристични производи од традиционалната македонска и европска храна.

„Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на повикот за организирање на оваа веќе традиционална манифестација во срцето на Центар, во Паркот на франкофонија. Овој настан e можност за поврзување на различни култури, запознавање со европските гастрономски кујни и нивниот начин и стил на живеење” порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Право на учество имаат сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти со седиште на територијата на Општина Центар, кои имаат искуство во областа на културата, туризмот и маркетингот. За пријавата потребно е да се достават: опис на концептот, агенда, портфолио од досегашна работа, финансиска конструкција и соодветни документи (тековна состојба, доказ за искуство и активна сметка).

Учесниците е потребно да понудат двочасовна програма со низа активности насочени кон унапредување на меѓународната соработка, промоција на локалните производители и анимација на сите возрасни категории. Избраниот организатор ќе добие финансиска поддршка во износ до 300.000 денари. Крајниот рок за пријавување е пет работни дена од денот на објавата на веб-страницата на Општината.