28. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ѓорѓиев: Македонско-бугарската комисија треба да биде „замрзната“, таа сега е само товар во односите меѓу двете земји

Во интервју за Рацин.мк, историчарот, академик Драги Ѓорѓиев, смета дека во овој момент работата на македонско-бугарската комисија е најдобро да биде замрзната.

„Да престане да работи, бидејќи работата на Комисијата во овој момент и понатаму ќе претставува само товар во односите меѓу Бугарија и Македонија заради влијанието на политичарите. Затоа што секогаш, и од бугарска страна и од македонска страна ќе се злоупотребува работата на Комисијата. На почетокот кога таа комисија беше формирана, тоа беше кажано и од наша страна, но за жал не беше прифатено од политичарите, дека Комисијата треба да биде оставена настрана“, укажува академик Ѓорѓиев.

Академик Драги Ѓорѓиев вели дека првите напади кои ја саботираа работата на Комисијата дојдоа од бугарска страна и тоа од бугарските политичари, од министри, од премиери и од претседатели.

„Сето тоа доведе до создавање на тензија во работата на самата Комисија, но и меѓу двете општества. Идејата, колку и да беше позитивна, на извесен начин беше исто така злоупотребена и овде и од одредни политички субјекти во Македонија, кои ја искористија работата на Комисијата да соберат поени и работата на Комисијата беше таргетирана како цел, една од првите цели на кои може да се соберат поени. И тоа се случи. Тоа се случи за жал“, оценува Ѓорѓиев.

Тој ја споредува работата на македонско-бугарската комисијата со германско/полската во чие формирање исто така учествуваа политичарите.

„Но, по формирањето таму, политичарите се тргнаа настрана. Немаше ниту една изјава од ниту еден политичар. Кога постигнаа успех двете комисии, политичарите дојдоа и им честитаа. Овде не се случи тоа. Овде се злоупотреби Комисијата во политички цели. Просто Комисијата и и самата историја се инструментализираа и од страна на Бугарија и од страна на одредени субјекти во Македонија“, посочува во интервјуто за Рацин.мк академик Ѓорѓиев кој беше ко-претседавач на македонско-бугарската мешовита комисија за историски и образoвни прашања.