26. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Реконструкцијата на „Работнички“ во полн ек, септември ја пуштаме во употреба

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и претседателот на СДСМ Венко Филипче, денеска извршија увид во градежните активности за реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк.

Првата фаза од обновата е комплетно завршена, и отпочната е реконструкција на втората фаза која предвидува целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш кабините, како и поставување на климатизација и подно греење. Герасимовски, потенцираше дека реконструкцијата се одвива во полн ек и според предвидената динамика.

„Салата Работнички е срцето на македонската кошарка. Таа е дел од нашето колективно паметење, генерации израснале тука – како спортисти, како навивачи, како луѓе. Денес стоиме на прагот на едно ново поглавје. Првата фаза од реконструкцијата е успешно завршена и отпочнавме со втората фаза. Во септември салата повторно ќе биде во функција, а нашиот Работнички се враќа дома – на својот победнички терен”, изјави Герасимовски.

Герасимовски, информираше дека секојдневно е во контакт со тимот на „Работнички“ и знае колку за нив значи ова место.

„Знам колку нетрпеливо чекаат да се вратат на својот терен. Во Центар испишуваме нова приказна – приказна за современа, динамична и просперитетна општина што пулсира со живот и напредок. Работиме посветено, и ја менуваме реалноста – чекор по чекор, проект по проект, заложба по заложба. Работнички е нашата гордост. Нашата сила. Наш поттик за нови победи”, посочи Герасимовски. За изградбата на салата се обезбедени средства преку јавните повици од претходната и актуелната влада, со финансиска поддршка за двете фази на проектот. Целокупната реконструкција е согласно стандардите и процедурите на ФИБА.